Дарко Лешоски: Молитва, потрага по спокој
Еден поинаков концепт на поетот и сестран уметник Дарко Лешоски специјално за Женски магазин. Преку медиум- видео форма ги растура своите мисли- всушност „чудни“, необични зборови од секој светски јазик кои имаат длабоко значење, а тој се надоврзува на суштината на зборот со одлична нарација, умствена „гимнастика“ и визуелен опис.
Shinrin-yoku - 森林浴 - именка. Потекло: Јапонски јазик. Во буквален превод: „да се искапам во шумата“ во преносна: потрага по спокој, но и одговори преку прошетка низ шумата.
„Молитва“ - Блаже Конески
Да појдеш ноќе в шума
од сите утајум тајно,
на тиха полноќ да втасаш
до едно место знајно.
Ставити трепетни борје
до небо таму се вишат,
тревите околу бујно
опоен омав дишат.
Нема да истрпи веќе
срце што лудува силно,
со викум ти ќе се фрлиш
на земи диво и вилно.
Земјо, радост ѝ треба
на една младешка снага.
Лекуј ме, лекуј ме, земјо,
од немир темен и тага.