Дарко Лешоски: Не можеш да вратиш време

Добивај вести на Viber

Еден поинаков концепт на поетот и сестран уметник Дарко Лешоски специјално за Женски магазин. Преку медиум- видео форма ги растура своите мисли- всушност „чудни“, необични зборови од секој светски јазик кои имаат длабоко значење, а тој се надоврзува на суштината на зборот со одлична нарација, умствена „гимнастика“ и визуелен опис.

Kairos – (именка, потекло: Старогрчки јазик - καιρός) – совршен и деликатно прецизиран миг, вистинско време и место.

Не можеш да вратиш време.

Жена која дигнала раце од тебе.

Птица кога за селење времето и иде.

Да отселиш пес кој очите ти ги знае.

Да лажеш знаење.

Да ти одбере друг парфем.

Да имаш и пари и расипани заби и мислење за се.

Да купиш смеење.

Да облечеш туѓ дух.

Да направиш секој да се почуствува ко да е некој покрај тебе .

Да не делиш памет меѓу гладни.

Да не чуваш гнев меѓу унаказени отпосле, а не од раѓање.

Да носиш розев џемпер и да имаш стомаче и висина сто шеесет и пет.

Да плачеш пред свое дете.

Да плачеш пред родител ако си веќе возрасен.

Не смееш да не опцуеш кога по улица клоца некој недолжна мачка или куче.

Не смееш да не јадеш ќотек кога некој непознат на непозната: Курво- по нејзе се дере.

Да се фалиш.

Да не се знаеш.

Да мешаш вино и ракија и болка и страдање.

Твојата борба да стане твој карактер.

Твоите желби, јавност - илузии за комшиско потсмевање и ругање.

Твоите маки - боја на очите.

Да велиш: Зависи! и да правдаш се.

Да се откажеш од ближен колку и да грешел.

Да немаш со брат или со сестра муабет.

Смееш да гледаш.

И да се смееш.

Како ги учи Господ.

Кое дрво е поцврсто.

И како се сече.

Како се дели каменот од металот.

И како шајки, клинци од него се коваат.

И како пукаат под нив дланките.

Да бидеш распнат.

Само тоа смееш.

А тој ќе молчи.

Ќе молчат сите дури ти капе крвта од дланките.

Не можеш да го запреш времето, пролетта, жена која дигнала раце од тебе и срцето.

Срцето твое кое вели: Можев ! Ама не! Не смее! Не смее!

(извадок од „...И тогаш Јаков му дари на Јосиф шарена облека...“ - Дарко Лешоски)