Дарко Лешоски: Пркос кон тагата или маката

Добивај вести на Viber

Еден поинаков концепт на поетот и сестран уметник Дарко Лешоски специјално за Женски магазин. Преку медиум- видео форма ги растура своите мисли- всушност „чудни“, необични зборови од секој светски јазик кои имаат длабоко значење, а тој се надоврзува на суштината на зборот со одлична нарација, умствена „гимнастика“ и визуелен опис.

KABA/ SAZE  - именка. Потекло: Албански јазик, kаbа е она што е најблиску блузот, хармоничен сплет од тажни и весели проблесоци на музика. Дамар, копнеж, надеж, мака, ама и пркос кон тагата или маката. 

Одамна, во времето  кога змиите и орлите живееле во слога на југот од Албанија најубавата девојка само што му родила детенце на домаќинот свој почнала да умира. 

Не знаеле што е поубаво на неа ликата или душата. Душата пак, кога го напушта телото како море спроти полна месечина се накрева, сила добива. 

Го кренала бебето како Муфаса и го бацила в чело низ крвта:

„Блиските твои околу тебе насмеани синко,  ти едно шамиче, едно шамиче само ако имаш во раката богат си ти да знаеш, најбогат! Заврти го и заиграј! Едно шамиче само ако имаш во раката своја!“

 Со насмевка на устата му ја фатила раката на мажот свој и го преколнала дека не смее да заплаче ниту да рида, да не се роди во тага она што тие двајцата со години му се радувале. Ами смее само во свирка да ја изжали кога ќе ја погребуваат.Глас негов да не се чуе, од окото негово спомен да не смее да се стркала. Како оди легендата, домаќинот три дена рикал во кларинетот без престан откако ковчегот на најубава девојка од Јужна Албанија го спуштале в земја. Час милно како рака на онаа која ја сакаш ти поминува по образ, час пискал како ластовица чии малечки паднале од гнездото долу пред мачката, час како јагне пред да го заколат.  Така настанала „каба“ или „сазе“ музиката од Јужна Албанија. Момчето како оди легендата пораснало во убав маж кој говорел ретко, ама ја имал најубавата насмевка која и полноќта може да ја осветлува. Имал големи раце кои можат даб да откорнат, раце кои се тресат кога бебе држат во раката. Музиката која ја научил од својот татко  ги лажела и самовилите од шумите навечер да излезат и околу него да играат оро на полјаната.