Дарко Лешоски: Што премногу долго јас не си дозволував да ја почувствувам таа беспричинска радост...
Еден поинаков концепт на поетот и сестран уметник Дарко Лешоски специјално за Женски магазин. Преку медиум- видео форма ги растура своите мисли- всушност „чудни“, необични зборови од секој светски јазик кои имаат длабоко значење, а тој се надоврзува на суштината на зборот со одлична нарација, умствена „гимнастика“ и визуелен опис.
„К`шти“ („Cushty“) - Ромски јазик
„К`шти“ - потекнува од „куч“ на старо - ромски што значи: скапо, фантастично, нестварно скапо, фантастична благоостојба.
Интересно е што овој ромски збор е особено популарен во дијалектното мешање на англо-ромските заедници во Лондон, особено изговорен со „cockney“ нагласок од источен Лондон. Кшти е нешто нестварно добро.
Таа еднаш ме праша што е најубавото нешто што ми се случило.
И јас и реков: одма ќе ти кажам. Реков: “Одма! И најубавото и најтажното истовремено! Одма ќе ти кажам немам јас проблем со тоа.”
И таа се збуни и се насмеа, рече: “како?”
А јас и реков: Најтажно зошто траело многу долго, откако за себе јас знам, најтажно зошто траело многу долго, а најубавото нешто е зошто повеќе не е така и тоа никому не го давам!
И таа се збуни и се насмеа.
Таа сега веќе киселко, повтори: Како?
Кога ќе осетам од нигде никаде во обичен ден јас радост беспотребна, а силна многу силна како сите цигани од светот во душава да прават свадба, кога ќе почувствувам некогаш јас таква радост макар и една сауфетка да имам во раката јас ко најбогат човек на светот тогаш се чувствувам, доволно ми е да ја завртам само во раката и ко Ентони Квин во Зорба да заиграм.
И од срам - најчесто ми се случува сам…
И таа почна да се смее сега веќе убаво и радосно и рече: Што има тука лошо или тажно, освен тоа што си луд малце, ама знаеш тоа не си дотолку глуп така?
„Што премногу долго јас не си дозволував да ја почувствувам таа беспричинска радост, премногу долго мислев дека не ја заслужувам, дека не смеам! Дека немам право да бидам толку среќен јас, не смеам ниту да ја гледам, а на моменти дури и трагите Негови во обичноста на денот сум ги насетувал, дека не смеам јас таа Убавина ниту да ја осетам, не смеам низ телово таа радост и таа топлина јас да ги поминам, не знам - шепнав… не знам дали ме разбираш?
А била моја само… одма додадов како кола кога набрзина тргнува и шкрипи со гумата, …сам сум си ја дал колку и тешко да ми било на душава, од никого ништо ниту сум барал, ниту сум земал за да ја имам јас таа радост.
Не сум унижил за да се качам и да ја видам.
Од срцево мое само била,
а сам себеси не сум си ја давал… Предолго. Предолго љубов моја!
А најубавото?
Таа со насолзени очи шепна.
Што не ја давам повеќе никому- реков.
Никому! - повторив
И за ништо! - извикав!
Не ја давам! - додадов ко да пукам, ко да сакам круг со оган околу мене да исцртам.
Ни мене? таа ми рече одма како жени само што знаат незгодно да ти направат, а не знаат ни сами зошто прават така.
Тебе?
Ни на смртта! - и реков со сигурна насмевка!
Има и смртта да ме почека ако се погоди да ми е убаво, да догледам, да да дослушам, да допијам, да допеам, да се досмеам.
Него да му се дорадувам ако ми ја пуштил во тој момент мене таа радост на гости во душава.
Циганче циганче мое ќе ми помине неговата силна рака по мојава лева, тетоважата 39:13 тој ќе си го помилува
Себеси она предолго кое си го земав.