Децава се среќни само зашто работат: Приказната за „Амбрела“, првиот локал кој вработува лица со попреченост

Добивај вести на Viber

Место полно со насмевки е скопскиот ресторан „Амбрела“. Тоа е првиот локал кај нас во кој работат лица со попреченост. Редовните клиенти ги сакаат, ги поздравуваат со прегратка, а тие им возвраќаат со добра услуга за која претходно се внимателно обучени. Нивната, а и својата приказна ја раскажува Марјан Петров, сопственикот на локалот. Овој хуман човек вели дека има голема желба стереотипите за лицата со попреченост и кај нас да се разбијат како во повеќето светски земји. Маријан со љубов зборува за односот со неговите вработени, и за тоа што научиле од него и тој од нив. 

* Кога и како настана идејата за вработување на лицата со попреченост со цел нивна инклузија во општеството?

- Не станува збор за идеја. Ова е нешто што на повеќе места во светот веќе функционира и е сосема нормално. Но тоа е во средина и општества каде штo стереотипите за луѓето со попреченост се одамна разбиени. Кај нас единствено нешто за кое јас размислував беше дали кај нас може да функционира локал од оваков вид и дали може финансиски да опстане, бидејќи сепак станува збор за бизнис кој сам по себе е немилосрден во поглед на сервисирање на трошоците кон вработените и државата.

Фактот дека ниеден од нив нема задоцнето ниту еден ден на работа кажува многу.- Марјан со еден од своите вработени  

* Што точно работат тие лица и колку се вкупно вработени?

- Сите лица пред да ги вработиме поминаа обука и се обучени за сите работни позиции што ги имаме по систематизација во ресторанот. Поголемиот дел од нив не се во можност да бидат самојстојни носители на функција, претежно се помошници. Но од друга страна доделените задачи ги извршуваат беспрекорно. Во моментов има вкупно 9 вработени на неопределено време и уште 2 лица се на обука. 

* Како се снаоѓаа на почетокот, а како се снаоѓаат сега?

- Како што веќе кажав, поголемиот дел од нив уште додека оделе во средно училиште се стекнале со одредени вештини бидејки во училиштето имале насока угостителство. Кај нас пред да започнат со работа, Филозофски Факултет – Скопје кој е нашиот најголем партнер и подржувач во реализација на овој проект, преку свои вработени ни дадоа помош во обука на нашите кандидати за “меки вештини” а дополнително беа обучувани од професионални едукатори за угостителски вештини, така што кога започнаа со работа веќе беа оспособени. Како одминува времето многу се послободни во комуникација со гостите, а и стекнуваат поголема рутина во извршување на секојдневните задачи. Добар дел од нив за кратко време ќе можат самостојно да ги извршуваат работните задачи.

* Им требаше ли многу време да се вклопат и да се навикнат на работните обврски?

- Се разбира, време за прилагодување на секого од нас му е потребно, тоа е сосема нормално. Ме радува фактот дека кај нив се забележува голем напредок на повеќе полиња а посебно во делот каде се утврдени попречености, како во комуникацијата, самодовербата, донесување на самостојни одлуки итн.

* Каков однос имаат клиентите со нив, се збилижија ли оние кои ви се редовни во ресторанот ?

- Ние имаме редовни посетители кои веќе се познаваат со вработените, се ословуваат по име, се смеат, се поздравуваат на “модерен’’ начин со гушкање, што претставува една од нашите планирани цели, а тоа е намалување на “јазот” помеѓу лицата со попреченост и останатата популација. Има посетители до кои воопшто не “допира” моментот на општествена одговорност, дојдени се да испијат кафе, не знаат каде дошле, го пијат кафето и никогаш повеќе не се враќаат. Има дури и такви кои влегуваат, и после 5 чекори се вртат и си заминуваат. Не е наше да судиме кој како размислува, наше е да се обидеме да опстоиме во нашата мисија и да достигнеме барем ниво на самоодржливост. Во суштина не сакаме нашите посетители да дојдат и да ги сожалуваат нашите вработени. Апсолутно не го сакаме тоа, сакаме да дојдат и да се уверат дека кај нас исто така добро ќе бидат пречекани, добро услужени и со насмевка испратени. Атмосферата што ја има кај нас не може да се пренесе на хартија. Треба да се дојде и да се почувствува. 

* Како на вработените им завршува еден ден, дали со насмевка си одат дома?

- Фактот дека ниеден од нив нема задоцнето ниту еден ден на работа кажува многу. Ние не ги исцрпуваме на работа, но и не ги штедиме. Една од целите е да ги вклучиме во еден редовен работен процес каде што покрај другото треба и да сфатат дека платата се заработува. Од тој аспект еден работен ден може да биде и полабав, но понекогаш знаеме да имаме и некој поголем настан каде што навистина треба да се запне и да се заврши денот со сите обврски што си ги носи работата. Дали си одат со насмевка.? Не можам да ви кажам бидејќи не секогаш ги гледам кога си одат , но редовно разговарам со сите нив, и генерално атмосферата на работа е на високо ниво. Свесен сум дека составот може да претрпи промени, но тоа е така во секоја работа.

* Имавте објавено фотографија со пејачот Влатко Лозано, по кој повод беше тој во локалот, се дружеше ли со вработените?

- Нашите вработени, и голем дел од нашите посетители се огромни фанови на Влатко. Му се јавивме, и “на прва”, без ниту една секунда двоумење прифати да дојде и да се дружи со нив и покрај обврските околку утрешниот негов концерт. Убаво беше да се видат на една бина нашите вработени и гости како се радуваат на „Јако, јако“ и на „Километри“.

Лозано беше специјален гостин во локалот и запеа со вработените 

* Според вас, колку е потребно за среќа на еден човек? 

- Среќата е ментална состојба. Не секој може да ја дефинира и да ја препознае. Потребите произлегуваат од тоа што те прави среќен. Од друга страна незадоволството и алчноста се најголеми пречки за човечката среќа. Тоа се човечки особини што во денешно време често се среќаваат. Еден мој близок пријател беше голем скептик кога му кажав за мојот план да отоврам ресторан каде што ќе бидат вработени лица со попреченост.

 Пред некој ден ми кажа овака : “Ние сме вистински идиоти. Имаме сѐ и пак не сме задоволни, ги гледам децава колку се среќни само заради тоа што добиле можност да бидат вработени. Треба да учиме од нив”

Милица Џаровска