Денес се слави Св. Никола Чудотворец, заштитник на патниците, децата и сиромашните
Православните христијани во нашата земја го празнуваат Свети Никола Чудотворец, светецот заштитник на децата, морепловците, девојките, сиромашните, учениците, пекарите, аптекарите, трговците, патниците...
Свети Никола е еден од најпочитуваните светци, a го слават и православните и католиците, но и дел од муслиманите, особено во Турција.
Во Македонија и во светот има безброј цркви, манастири, икони и фрески, кои се посветени на овој светец. Многу македонски семејства вечер со богата посна трпеза на која преовладуваат рибата и посните сарми ќе го прослават празникот. Свети Никола е еден од најсаканите христијански светци.
Овој светец имал многу возбудлива животна приказна, која со векови ги фасцинира христијаните. Роден во малоазискиот град Патара, пристаниште на медитеранскиот брег на денешна Турција, свети Никола живеел во 4 век, многу пред расколот помеѓу православната и католичката црква од 1054 година.
Свети Никола умрел на 19 декември 343 година. Погребан е во соборната црква Мирликијска митрополија, а кон крајот на 11 век неговите мошти се пренесени во Бари, во манастирот Свети Јован Претеча.
Во народното паметење овој лик останал како заштитник на патниците, посебно на оние што патуваат по вода, но и по тоа што како за време на животот така и по смртта ги помагал сиромашните, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода.
Свети Николај Чудотворец се смета за заштитник на морињата. На христијанските бродови обично се наоѓа иконата на светителот, а спроти денот на славењето бродовите застануваат каде и да се наоѓаат, се фрла сидрото во морето, морнарите ќе се помолат и ќе прославуваат цел ден, а утредента ќе го продолжат пловењето. На иконите Свети Никола се претставува со својата архиерејска одежда.
Именден празнуваат: Никола, Нино, Николина, Коле...
Во животот на нашиот човек посебно значајно место има свети Никола Мирликиски - Чудотворец, кого многу семејства го сметаат за свој домашен заштитник и со домашни служби и со многу обичаи го празнуваат неговиот спомен. Иако повеќе се празнува денот на неговото упокојување 19/6 декември (празник познат како зимски Св. Никола или Св. Никола - зимен), сепак внимание му се посветува и на денот на пренесувањето на моштите на свети Никола од Мир (во Ликија) во Бари (Италија) на 22/9 мај (празник меѓу народот познат како летен Св. Никола).
Фото и Извор: денови