Двојни аршини

Добивај вести на Viber

На жена никогаш, ама баш никогаш не и’ се простуваат три работи: да заработува повеќе од мажот со кој живее, да нема деца и да остари. И кога вака сирово, па дури и сурови се поставени работите човек некако дури и да се запраша дали нашата улога во општеството е (наводно) рамноправна, но со строго утврдени граници кои ако се пречекорат, ќе се соочите со етикетирање и осуда. И она што е најперверзно е дека границите иако се строго утврдено, сепак се невидливи за голо око, оти нели, би било премногу дрско да се постават со црн маркер. Колку тоа прави да живееме во едно лицемерие, во кое поддршката, бодрењето и разбирањето за жената е само форма зад која нема суштина?

И ако веќе сме искрени, да бидеме искрени до крај. Зошто воопшто да има поддршка, бодрење и разбирање за жените? Зошто да се нагласува дека “ние сме за родова еднаквост”, “ние ја разбираме жената” итн. Кога било ова кажано за некој маж? Јас досега не сум слушнала дека за мажите има некои вакви флоскули, оти за нив не важат истите правила како што важат за нас, жените. Се’ што е пренагласено (а се однесува на жената) и е во форма на тоа дека ни се “дава поддршка”, за мажите следи природно, оти тоа така треба. И да, така треба, ама треба да важи за сите, без оглед на полот.

Зошто денешната жена се’ уште има грижа на совест ако заработува повеќе од партнерот? Зошто мажот има неубаво чувство дека заработува некогаш помалку од својата партнерка? Секако, чест на исклучоците за кои тврдам дека не се некоја импозантна бројка. “Машкоста се мери со парата која ја носите дома” е одамна напуштена филозофија, ако не’ прашате нас жените. Да, не сакаме да ве носиме на грб и да ве издржуваме (за ова сум во двата правци), но не сме оптеретени со тоа дека “мора да си ги мериме” кој повеќе заработува. Битно ни е е да сме тим, да настапуваме заеднички било да се во прашање сметките по дома или чистењето. Еден мој пријател, кој го сметам за многу мудар и родово освестен човек ми кажа “абе знаеш Ана, тоа со парите е како ловот во праисториско. Жената ја чисти пештерата, мажот лови. Ако жената лови, мажот ќе ја чисти пештерата? Проблем е што никој не мисли дека ако ловат заедно ќе имаат повеќе, а и побрзо ќе оди чистењето”. Штета што го обожувам и љубам само како другар, инаку ќе размислував сериозно за премажување. Во животот доаѓаат периоди кога секој од нас е долу, а потоа горе и така во круг. Поентата е дека ако сме заедница (не мора да е брачна, секако) ќе функционираме вака или онака, без да ставаме цртки кој колку придонел...се’ додека и двајцата се трудиме максимално, во рамките на своите можности.

И додека се бориме за да испозавршиме факултет, да се доедуцираме, да се доусовршиме и сето тоа за да бидеме финансиски независни (што е од круцијално значење за секое женско чељаде, за да не трпи гомненици од било кој вид заради финансиска зависност), првиот удар го добиваме на интервјуто за работа. Знаете колку пати сум слушнала за тоа како некоја на интервју се појавила (замислете) во пантолони и без шминка? Да не ви се верува колку многу! Нели поентата е да го претставиме своето знаење, ум и способност?. Да, тоа можеме да го сториме и со ставање фустан, фризура и шминка, но целата работа е дека имаме право да се појавиме на интервју за работа токму онака како што се чувствуваме најмногу свои и пријатно. На крајот од денот, можеби и моменталните финансиски прилики не дозволуваат да изгледаме онака како што посакуваме во моментот. И кај почнува предрасудата од изгледот, одиме на тоа најважното...планирање на потомство.

Најпростачно, најлично, најдрско и најиритантно прашање е прашањето околу планирање семејство. И кога велам нај, нај, нај и нај, мислам на тоа дека не е во ред било кој да постави такво прашање. Овие прашања треба да се во рангот мобинг, оти ниту еден маж не се соочува со вакво прашање во текот на целата своја кариера. Не, не може никој да ви ѕирне во интимата и да поставува такви лични прашања. Не смее никој да праша дали сакате и кога сакате да имате деца. Оти можеби и не сакате или не можете, а тоа не е ничија работа освен лично ваша.

Господа, вие кои сте задолжени за работни интервјуа...единствена вагина во која имате право да се мешате е на вашата партнерка. Толку!

И кога ќе го надминете стресот на прашањата “кога, како и колку деца”.... дали ќе сте отсутни баш 9 месеци, па дали ќе излегувате на пауза за доење, па дали децата кои ви се во план ќе одат едноподруго или со по неколку години пауза помеѓу, кога ќе се ускладите дома дека е сосем во ред што вашите примања се моментално поголеми од неговите (со нежно галење на суетата на оние кои патат од ваков вид докажување), доаѓа она третото проклетство. Сакате да смените работа, оти веќе ви здодеало, мислите дека можете повеќе и поинаку, сакате да се пробате во нешто ново...сакате, ама нема. Свртете ги огласите да видите колку се дискриминирачки во однос на годините. Демек свежа крв се бара секаде, оти искуството па и не е баш битно. Да, не е ова вака со мажите. Кај нив колку постари, демек толку поголеми волци во работата. Кај нас жените, впрочем како и во секој сегмент од животот, годините се сопка, а не скалило нагоре.

И ај што е тоа така во бизнисот, туку станува дури и смешно колку ни е “забрането” да остариме. Мислам, извинете вака што го грдиме светот, ама тоа е, ќе се привикнете. На социјалниве мрежи гледам жени од свои триесетина или доцни дваесетти кои знаат да бидат поприлично сурови во однос на повозрасните жени (во кои секако дека и себе се вбројувам). Па тоа потсмевања како карминот се впил во брчките на усните, па демек целулитот (да ве просветлам, целулит имате и на 20 ако имате предиспозиции за него), па како сме се сликале само до гради оти надолу сме биле крш, па сме ждереле (ела ми во климаксов чедо), па брчките, дрндрн. И сето ова завиткано во евтин хумор со “хехенца” кои навидум се само наивно и невино зезање. Па, не знам како да ви го кажам ова понежно ама ние назад во времето нема да се вратиме, ама вие доаѓате накај нашите години...полека, ама сигурно. А најтрагично ми е кога мажи коментираат за физичкиот изглед на повозрасните жени, нивните бели коси, телата кои се менувале низ годините...и сето тоа додека си го држат пивото на мевовите (субјективна проценка, 9-ти месец бременост), чешкајќи се по побелените бради. И секако, стомачето и белата брада се за нив поен плус за шармот...ах, тој двоен аршин.

Жена сум со свои 52 години, имам и она што треба и она што (по некакви си дискутабилно валидни стандарди) не треба, имам и она што ми се допаѓа на себе и она што ич не си го бендисувам кога ќе застанам пред огледало. Имам и бели влакна во главава (моментално фарбани во кафена боја, не сум веќе црвенокоса), имам и брчки кои ми се сосем убаво вклопени на лицето и немам каење за ништо во животот. Се’ ми има донесено ука и поука, дури и она на кое сум се лизнала толку многу што задников и ден денес ме боли од паѓање. И не, нема да ставам ботокс и филери оти некому му е бљак да ме гледа ваква каква што сум, туку ќе ставам се’ што ќе ми падне на ум кога ќе проценам оти ми се сака. Не давајте никој да ве цени и проценува според тоа колку ќе заработувате, дали ќе имате (сакате да имате) деца и колку сте возрасни. Никому да не се извинувате ако новчаникот ви тежи повеќе од тој на партнерот (сте си го заслужиле успехот), никому да не објаснувате ништо за вашата матка и годините да си ги носите со гордост, сеедно дали имате 30 или 70.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ќе бидеш горе

Толку горе и високо

Што ќе ти се чини дека облаци допираш

И долу некојпат ќе паѓаш

Како во бездна која крај ќе нема

И од која ќе ти се чини

Дека иста никогаш повеќе не ќе бидеш

Ќе бидеш горе

И долу ќе паѓаш

Ќе имаш моќ

И некогаш немоќта друшка ќе ти биде

Ќе чекориш со глава крената

И некогаш в земја ќе ти иди да ја пикнеш

Ама ќе тераш

Ќе тераш напред без да застануваш

И без да дозволиш

Премногу на срце некој да ти стапнува

Ќе бидеш соголена пред светот

И под лупа ставена

Некојпат од нечиј ќеиф

Некојпат од неукост и плиткост

И ќе добиваш прашања

Од кои коса на глава ќе ти се крева

Кои бес ќе ти вивнат угоре

Или од бол душа ќе ти свлечкаат удолу

Само затоа што од тебе ќе се очекува

Да се вкалапиш секаде

Освен во својата визија за себе

Ќе бидеш величана

Само тогаш ако си по терк

На оние кои не те разбираат

И расчеречена од толпата

Ако одбиеш да се покориш

И ќе се обидат, секогаш е тоа така

Правото да ти го одземат своја да си

И за себе одлуки да носиш

Како да живееш

Како да мислиш

Како да старееш

Како отпор да пружиш

И сето ова сиот живот ќе го врвиш

И ќе свикнеш

Некогаш и ќе викнеш

Ама секогаш ќе продолжиш по свое

Оти никој не може да ти го земе

Она што во себе го имаш

Она што во себе го носиш



За Женски Магазин, поетесата Ана Бунтеска