Елизабета Клинчаревска Младеновска: Докторката ме исцрпи

Пандемијата само ги пролонгираше проектите на актерката и реге ска артистот Елизабета Клинчаревска Младеновска, кои требаше да ги реализира во март и април годинава. Заврши со снимање на краткиот игран филм „Mалото Зајче“. Со Здружението за Културна мотивација „Култиватор“ каде е координатор и театарот „Арт Вени Види“,  реализираше проекти  на детски театарски претстави преку он лајн стрим. На Младинскиот Отворен Театар (МОТ) се претстави како докторката , главен лик од претставата „Полковникот птица“. Дел е од гостиварскиот театар (ТГВ), и моментно работи на новата претстава „VIS VIS“.

- Буквално не кревам глава од проекти.Или  работам на два паралелно или пак влетувам од еден во друг проект. Многу ретко се случува да немам ангажман.Со подготовките за претставата „Полковникот птица“, во режија на Андреј Цветановски започнавме во февруари. По пауза од четири месеци продолживме со работа во јули и август. Според сите протоколи и мерки за време на пандемија ,премиерно ја одигравме на крајот на август на Охридско лето. „Полковникот птица“ е дело на светски познатиот  Христо Бојчов. Главни ликовиви ги толкуваме јас и колегата Ѓорѓи Нешкоски.  Оваа претстава ја одигравме и на Млад Отворен Театар  преку он лајн стрим – открива актерката и дополнува,

- Ликот на Докторката од „Полковникот птица“ ме исцрпи затоа што е толку млада, полна со надеж, а се соочува со големи егистенционални проблеми во сиромашната психијатриска болница ,наспроти нејзиното мало животно искуство.

Клинчаревска Младеновска во краткиот игран филм „Малото Зајче“ ја толкува улогата на бунтовна девојка, која се спротиставува на ситемот. Потписници на сценариото и режијата се на хрватскиот режисер Марко Чавка и нашиот Бранко Попчевски. Посветена е и на детските театарски претстави.

-Со Здружението за културна мотивација „Култиватор“, каде сум координатор и театарот „Арт Вени Види“ реализиравме  проекти  на детски театарски претстави преку он лајн стрим од просториите на Младински Културен Центар. Првиот проект кој го реализиравме за време на пандемија беше новото издание на Караванот  на инклузивни детски претстави за деца со посебни потреби „Жапчиња 2020“ . Како и предходните три години одигравме претстави за сите ПОУ училишта, но за жал овој пат преку он лајн стрим. Вториот проект беше „Од центар кон Периферија“ , во кој беа вклучени основни училишта кои се наоѓаат на периферијата на Скопје. Учениците имаа можност да проследат неколку детски претстави преку он лајн стрим - посочува актерката. .

Во моментов, во матичниот театар ТГВ , работи на новата претстава „VIS VIS“, француска комедија на Лорент Бафи, која се игра на  албански јазик, во режија на Куштрим Бектеши. 

- Во превод  на македонски би била „Сите со мана“. Работиме според сите протоколи, со маски и визири, а претставите се бесконтактни помеѓу нас актерите. Се надеваме дека во скоро време ќе можеме премиерно да ја изведеме .Следат уште неколку проекти , меѓу кои и два филмски на кои особено се радувам- открива Клинчаревска Младеновска.

Новитетите на музички план во овој период изостануваат, поради недостиг на време.

- Последната песна која ја снимив и на македонски и српски јазик, а беше наменета за компилацијата „Хронично Неуморни“, во организација на рок поетот и публицист Милан Б.Поповиќ, излезе во 2015 година. На оваа компилација се најдоа многу познати рок, реге и рап артисти од регионов.Песната беше реге и се емитуваше на сите радија во регионов. Има една тема која чека во фиока и се надевам дека следното лето  ќе ја реализирам – открива таа.

Активна е и со нахсинхронизацијата на турските серии. Актерката оживеа на свој препознатлив начин многу женски ликови. Моментно е актуелна како Азра, од истоимената серија, која се прикажува на Сител телевизија.

Соња Алексоска Неделковска