Евтин одмор: Зошто да летувате во Струга?
Интерес за летување оваа сезона во Струга има. Така барем велат издавачите на апартмани во градот распослан во рамнината на Струшкото поле на двата брега на реката Црн Дрим и на северниот брег на Охридското езеро. Сепак има повеќе странски од домашни туристи. Фактор разговараше со домаќините. Тврдиме дека Струга е одлично место за одмор.
Ноќевање за двајца по цени кои може да си ги дозволи секој
За една ноќ во Струга пар за двокреветен апартман ќе треба да издвојат околу 800 денари. Приближно таа е цената во апартман во кој има целосно опремена кујна, сопствен тоалет, ТВ, интернет, балкон. За поголеми апартмани поголеми се и цените. Од 1.000 па до 1.800 ќе ве чини ноќевање во трикреветни и четворокреветни апартмани.
„Сезонава е во полн ек, и покрај временските услови кои не се баш погодни туристи има. Интересот е поголем од странците посебно од Холандија и Полска. Нашите вили се целосно букирани, а туристите ги сакаат местата во кои се чувствуваат како дома“, велат од „Апартмани Наде“ за Фактор.
Според издавачите туристите најчесто ја посетуваат Струга поради гостопримливоста и условите на сместување што ги нудат угостителите и евтините цени.
„Струга е секако прекрасна, туристите го обожаваат Дрим, сакаат да ручаат покрај река, да седат на „Версус“ и на „Женска Плажа“ а навечер да ги посетуваат добро познатите локали „Барабар“, „Грифон“ и останатите“, ни откриваат.
За да пиете кафе во струшки кафе бар ќе треба да издвоите од 30 до 50 денари, а за пиво ќе треба да платите 60 денари за едно шише.
Ако ручате или вечерате ладна даска со грчка, салата зелка или шопска ќе си платите само 500 денари. Тостови и сендвичи се движат по 60 денари. Цените во ресторани и кафе барови се поевтини од Скопје.