ФУДБАЛСКИ МУАБЕТ СО ЛИЛА: БЈАРНАСОН Е ВИСТИНСКИ ВИКИНГ
Јас сум една од оние жени кои гледаат фудбал, а и го разбираат. Во превод, знам што значи офсајд, на шега вели Лила Стојановска која со задоволство ја прифати поканата на „Женски Магазин“ да зборува за најважната споредна работа на светот. Во тек е Светското првенство во Русија, а популарната водителка не само што редовно го следи, туку и пријатно нѐ изненади со информираноста за репрезентациите кои се борат за победничкиот пехар.
- Имам листа со тајмингот на натпреварите и се обидувам распоредот на обврски да го прилагодам на оние дуели што сакам да ги гледам. Обично гледам дома сама, иако знам и да седнам со друштво во некое кафуле - открива домаќинката на ТВ-шоуто „Сѐ или нешто“ и заштитно лице на многу македонски брендови.
Се обидува распоредот на обврски да го прилагоди на оние натпревари што сака да ги гледа
Еден од нејзините фаворити е тимот на Шпанија. Кога станува збор за клупските првенства со години навива за Реал Мадрид, а како што вели, половина од тие играчи играат и во репрезентацијата. Но, со оглед што за неа најдобар играч на светот е Роналдо и за кој се радува што уште на стартот од првенството сруши неколку рекорди, навива и за неговата Португалија.
- Малку симпатии имам и кон шведската репрезентација заради тоа што сум родена и живеев во таа земја. Секако, драго би ми било и за Хрватска и Србија поради некоја носталгија и минати времиња од поранешна Југославија. Кој и да победи од овие репрезентации би се радувала, иако секогаш велам дека треба да има ферплеј и нека победи најдобриот. Морам да дополнам дека на ова првенство откритие ми се Мексико и Исланд. Особено ми е драго што според досегашната игра се уверивме дека не постојат фаворити и дека секој секого може да победи, што го прави уште поинтересно и погледливо – раскажува Стојановска.
Ѕвездата на исландската репрезентација Биркир Бјарнасон
Очигледно Лила има повеќе фаворити на овој Мундијал, но на само еден фудбалер особено му се восхитува.
- Како најсимпатичен би го издвоила Биркир Бјарнасон од Исланд. Зошто? Затоа што изгледа како вистински Викинг – порачува таа.
Ѓорге Стојанов