(ГАЛЕРИЈА)- ПОЗНАТИТЕ КАКО КЕЛНЕРИ: БАКШИШОТ НА ВЕСНА, ЕЛЕНА, ДАНИ, ЗА ДЕЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ

Добивај вести на Viber

Облечени како професионални келнери, познати домашни личности сношти ги служеа гостите во кафе-ресторанот „Еквилибриум“, а 20 проценти од прометот и нивниот бакшиш ќе се донира во Домот за деца со посебни потреби.

Актерката Весна Бејби Петрушевска, пејачките Елена Ристеска, Дани Димитровска и Лена Моротов, пејачот и вработен во ИТ секторот на МОБ Горан Наумовски, водителката Анкица Стојановска-Митровска, пијанистката Билјана Петровска беа дел од овој хуман настан. 

„Повелете, што ќе се напиете? Ви фали ли уште нешто?“, беа дел од зборовите на љубезната келнерка Весна Петрушевска, која служеше во реонот на нашата екипа, „Женски магазин“ и „Фактор“. Двата медиуми се вклучија во хуманата акција и уживаа во забавата во ресторанот. 

„ Не ми е ова прво келнерско искуство. На 16 години, заедно со сестра ми Маја, заминав во Лондон и работвме во ресторан како келнерки за џепарлак. На сите им оставаа бакшиш, освен на мене. Подоцна сфатив каде сум грешела. На англичаните, ако им сервираш пица, не треба само да им ја оставиш на маса, туку треба да им го ставиш првото парче во чинијата“, ни раскажа Весна Бејби, помеѓу многуте нарачки. 

Нејзините колеги, не се толку искусни како неа. И на Дани, и на Елена Ристеска, и на сите останати, ова им беше прва вечер како келнерки, но гостите беа задоволни од нивната услуга. Сосема спонтано, ѕведите освен што служеа, и запејаа. Лена Моротов и Горан Наумовски имаа одличен избор на светски хитови, а поверемено, кога се одмараше од служењето им се придружуваше и Дани, наградени со силен аплауз од гостите. Елена доби овации за својот хит „Доживотно“, а на крајот, сите заедно го испејаа евергринот „The best" од Тина Тарнер. 

Според коментарите на присутните, вакви забави и хумани акции на Скопје треба да му се случуваат што почесто.

Милица Џаровска