Ги исфрлив сите работи што ме потсетуваат на Оливер: Емотивно интервју на сопругата на Драгојевиќ

Добивај вести на Viber

Обожавателка на Оливер Драгојевиќ од Полска го посетила гробот на легендарниот пејач кој почина лани во јули. Драгојевиќ кој поголемиот дел од животот го помина во Сплит, на негова желба е погребан во родната Вела Лука, на островот Корчула. Неговата сопруга Весна, за емисијата „Ин магазин“ на „Нова ТВ“ изјави дека на гробот на Оливер доаѓаат луѓе од многу земји.

„Една жена од Полска дојде специјално на гробот на Оливер, таа го исклеса неговиот лик на мермерна плоча и ја донесе овде. Доаѓаат од секаде, од Унгарија, од Германија. Не знам од каде слушнале за Оливер, можеби преку Стјепан Хаусер“, раскажа сопругата на покојниот пејач.

„Дури сега почнав да истражувам за работата на Оливер, да гледам настапи на Јутјуб, да читам коментари. Открив работи кои не сум ги знаела. Јас како да не сум живеела со него, додека беше жив не разговаравме за неговата работа, не обрнувавме толку внимание“, откри таа. 

На прашањето, како се чувствува една година по смртта на сопругот, Весна одговори:

„Јас уште не знам дека тој почина. Ете, така се чувствувам. Еве, бев на гробот, и како да сум била кај некој роднина. Веројатно мозокот не ви дава тоа да ви влезе во глава. Јас целиот стан го реновирав. Ги исфрлив сите работи кои ме посетуваат на него. Не можам да живеам од спомени и да гледам слики, мене тоа ми е неубаво. Имаше Оливер една своја соба која целата ја испразнив. Сите работи ги дадов во музеј“.

Во разговорот, снимен токму во Вела Лука, Весна Драгојевиќ раскажува дека Оливер, да е сега тука, би се симнал од својот брод и би донел риба. Таа најмногу жали што тој не го дочекал шестиот внук.

„Знаеше дека е на пат, тој се роди на 1 септември лани, за малку не успеа да го види. Но знаеше и дека наскоро ќе пристигне, и како ќе се вика“, додаде сопругата на Драгојевиќ. 

Фото: Вечерњи лист, Јутарњи лист