ЃОКО ТАНЕСКИ: МУ СЕ СМЕЕВ НА НАУМ ЗА НЕВРЕМЕТО, И МЕНЕ МЕ СНАЈДЕ ИСТОТО
Поп-пејачот Ѓоко Tанески го прекина семејниот одмор во Грција и поради невремето и поплавите замина дома, во Охрид.
„Живи и здрави сме, успеавме да излеземе од апартманот, набрзина влеговме во автомобил и тргнавме накај дома. Од убавото време, фативме само два дена. Другите два, не излеговме од соба“, изјави за Женски магазин пејачот.
Тој со сопругата Розе и со ќерките Анастасија и Михаела одмараше во местото Ормос Панагиас, на вториот крак на Халкидики, Ситонија.
Ѓоко со сопругата Розе и со ќерките Анастасија и Михаела на Халкидики
„Му се смеев на мојот пријател Наум Петрески кога медиумите пишуваа дека исчезнал по големото невреме ловејќи риба во Австралија. Сега и мене ми се случи истото“, низ насмевка ни рече Танески во телефонскиот разговор.
„Жал ми е што порано ни заврши одморот, но во Охрид е барем потопло од Грција“, вели Ѓоко . Тој на 26 јули, на сцената на Долни Сарај во Охрид, со уште неколку други колеги ќе одржи трибјут концерт посветен на рок легендите „Пинк Флојд“. (М.Џ.)