ХРАБРИТЕ ЖЕНИ ЈА ДОНИРААТ КОСАТА ЗА ПЕРИКИ-Хумана акција на македонските фризери

Добивај вести на Viber

Не посетуваат храбри девојки кои ги растат косите и ги донираат, најчесто во Холандија. Се покрена иницијатива за донирање на коса во моето студио. Побаравме спонзори кои би ни помогнале да собереме средства за купување на основниот материјал за изработка на перики од моја страна, кое би било целосно бесплатно изработено, вели Елена Николова 

Откако четиригодишниот Максим Кочовски, четиригодишната Миа Марија, шестгодишната Јана од Скопје и уште многу деца од Македонија ја донираа својата коса за перика во Холандија, која ќе ја користат деца болни од рак, слична иницијатива покажаа и возрасните.

Домашните фризерски салони се расположени да ја поддржат оваа акција, скратената коса од клиентките, наместо да се фрла, да се намени за хумани цели, но не секогаш има услови за неа.

Елена Николова од „Social Hair Salon“ е една од нив. За Женски магазин, таа раскажа дека пред повеќе месеци се покренала иницијатива за донирање на коса во нејзиното студио.

Апелирам до секоја една хумана личност која би сакала да ја донира косата да нѐ посети и заеднички да ја вратиме насмевка на лицето на некое девојче или жена.- Елена Николова

„ Во мојот салон не посетуваат храбри девојки кои ги растат косите и ги донираат,надвор од границите на земјава. Најчесто во Холандија. Пред повеќе месеци се покрена иницијатива за донирање на коса во моето студио. Побаравме спонзори кои би ни помогнале да собереме средства за купување на основниот материјал за изработка на перики од моја страна, кое би било целосно бесплатно изработено и донирано на личност која ја загубила косата поради болеста. Еве, апелирам до секоја една хумана личност која би сакала да помогне во набавка на материјалите и до секој кој сака да ја донира косата да нѐ посети и заеднички да ја вратиме насмевка на лицето на некое девојче или жена“, ни изјави Николова.

Познатиот стилист Александар Билјановски- Дадар вели дека би се вклучил во оваа акција ако има можност. 

„ Пострижената коса од клиентките не сме ја користеле за ништо до сега, за жал. Не знам дека во Македонија постои иницијатива за донирање на коса, инаку би ја подариле, се разбира“, изјави Дадар од „Мое студио-Дадар“.

Не знам дека во Македонија постои иницијатива за донирање на коса, инаку би ја подариле, се разбира.- Александар Билјановски- Дадар 

Пред повеќе од еден месец, мајката на четиригодишниот Максим, архитектката Вања Кочовска, пострижените плетенки на својот син ги даде во здружението "ЗЕДМ Сложувалка“ од Гевгелија, кое е во контакт со фризерскиот салон во Амстердам каде што се преработува косата. 

„ Се работи за иницијатива покрената од пред десет години од страна на тогашен фризерски салон во Амстердам и зема голем замав. Еве, десет години активно, во текот на целата година од секаде добиваат коса во вид на донации и изработуваат бесплатни перики стриктно за деца кои се борат со ракот. При пребарувањето наидов на Здружение "ЗЕДМ Сложувалка" на фејсбук. Тие како посредници ме упатија што се треба да направам за да ги исполнам условите за донација, и ми испратија адреса од Холандија, каде да биде испратена косата“, изјави Кочовска за Женски магазин. Вања внимателно на својот син му објаснила дека има деца кои имаат повеќе коса, и убаво е да ја подарат на тие што ја немаат.

„ Син ми ми побара да ги види на слика сите деца на кои им треба коса. Морам да признаам дека ми тресеа рацете додека куцав на гугл: деца кои боледуваат од рак“, ракажа Вања, мајката на Максим Кочовски

„ Син ми ми побара да ги види на слика сите деца на кои им треба коса. Морам да признаам дека ми тресеа рацете додека куцав на гугл: деца кои боледуваат од рак. Откако ги виде, покажа кон две-три од од децата и рече: „Сакам да им ја дадам на овие деца зошто тие се многу тажни“. Следниот ден отидовме и без никаков проблем трпеливо чекаше да му ги сплетат плетенките и да му ги исечат“, раскажа архитектката.

 Четиригодишната Миа Марија од Скопје не била шишана откако е родена 

Истото хумано дело го направи и четиригодишната Миа Марија од Скопје. Нејзината мајка, Даниела Николовска вели дека од мала ја воспитува својата ќерка да биде хумана, и самата ѝ ја скратила косата, затоа што немале трпение да отидат на фризер. 

„ Миа Марија не беше шишана откако е родена. Кога веќе ѝ порасна долга косата, ми дојде идеја дека можеме нешто корисно да направиме, па почнав да истражувам за донација. Истражувајќи, прво налетав на здружението „ЗЕДМ сложувалка“, ги исконтактирав и ми објаснија како оди постапката за донирање, ми дадоа инструкции и ме упатија каде да ја донирам“, раскажа мајката за Женски магазин. 

Милица Џаровска