Им благодарам на лекарите што ми го спасија животот: Игор Митровиќ за битката со маларијата
Јавно сакам да се заблагодарам на докторите во Македонија коишто ми го спасија животот и успешно ме извлекоа од маларијата. Бев две недели во болница каде што секојдневно примав терапии и целиот третман беше успешен, раскажува пејачот Игор Митровиќ во интервју за порталот „Панацеа“.
Митровиќ последните години живее и работи во Дар ес Салам. Објаснува дека бил свесен каде оди и што треба да очекува. Вели дека во Танзанија на маларијата гледаат како не толку голема и опасна болест, имаат медикаменти и секојдневно се справуваат со неа. Тој двапати ја прележал.
- Маларијата апсолутно може да има фатални последици по здравјето, доколку не се лекува и не се преземат никакви мерки. Симптомите се висока температура, болки во мускулите и коските на телото и омалаксаност. Така беше и кај мене. Вториот пат беше многу поразличен од првиот. Го открив паразитот на време, на самиот почеток кога уште не беше многу развиен и размножен во голем број. Бев во Дар ес Салам, примив една доза на терапија, секако, дадена од доктор, ја примав терапијата во домашни услови и после 3 дена бев како нов - објаснува Митровиќ.