ЈАВАВМЕ ЧЕТИРИ ДЕНА ПО ВЕТЕР И ПО ДОЖД: Елена и Драгана, двете дами од коњаницата за Илинденскиот марш
„Патувањето траеше 4 дена. Во неколку наврати имаше невреме, но желбата во нас да стигнеме до славно Крушево беше поголема од сите препреки кои ни излегоа“, изјавија Елена и Драгана
Во ниту една ситуација не помисливме да се откажеме, и покрај сите физички потешкотии мотивацијата ни беше голема.- Драгана (напред) и Елена зад неаЕлена Мишева и Драгана Каловска се двете девојки кои заедно со коњаницата од скопско Лисиче, четири дена на коњ патуваа до Крушево, како дел од традиционалниот Илинденски марш. Ниту невремето кое ги пречекало на патот не ги спречило овие храбри девојки да ја остварат својата цел.
„ Тргнувањето на коњаницата започна со манифестација во Лисиче на 27 јули, на 28 тргнавме за градот Велес каде што положивме цвеќе на споменикот на Питу Гули. Патувањето траеше 4 дена. Во неколку наврати имаше невреме, но желбата во нас да стигнеме до славно Крушево беше поголема од сите препреки кои ни излегоа. Морам да кажам дека за јубилејот 40 години коњаница, граѓаните на Велес не пречекаа додека Општинската управа и Градоначалникот на тоа невреме не одбија“, раскажаа за Женски магазин Елена, која за прв пат се соочува со овој предизвик, и Драгана, која и лани беше дел од коњаницата.
„ Мотивот ни е Илинден кој што е силно вкоренет во традицијата како симбол на непокорот на голем број значајни јунаци кои се жртвувале за нашата татковина. Мислиме дека во ваков период за нашата татковина Македонија, наше е да ја негуваме традицијата, почитта спрема историјата и љубовта спрема татковината. Коњаницата е еден симболичен приказ и наше оддавање почит спрема сите војводи и комити знајни и незнајно кои го дале животот за Македонија“, додаваат девојките.
За време на нивното патување, спиеле во вреќи, на отворено, но поради невремето и силниот дожд морале да се засолнат на неколку локации. Без оглед на тешките услови, двете дами ниту еден момент не помислиле да се откажат од замислената цел.
„ Во ниту една ситуација не помисливме да се откажеме, и покрај сите физички потешкотии мотивацијата ни беше голема. Би сакале и следната година да учествуваме, па по можност да се зголеми и учеството на девојки“, мотивираат Драгана и Елена.
И двете имаат искуство во јавање коњи уште од помали нозе, не професионално, туку рекреативно. „ Во принцип, не е тешко да се научи да се јава за коњаничкиот марш, но многу голема предност е што имаме некакво искуство“, велат тие.
Драгана за крај го сподели искуството од ланскиот марш, споредувајќи го патувањето од минатата година, со оваа.
„ Од една страна, сега беше за степен полесно затоа што знаев точно што ме очекува во однос на физичкиот напор, од друга страна оваа година ја јавав Беба, една преубава шарена кобилка која што прв пат оди за Крушево, па имав потешкотии во однос на справувањето со неа. За разлика од лани кога беше пеколно жешко, оваа година фативме поројни дождови што малку го отежна јавањето. Општо мислам дека и покрај временските неприлики оваа година бевме покопмплетни,а и многу ми значеше што имав женско друштво“, ни раскажа Драгана.
Милица Џаровска