Каде и да сте може да бидете и добра мајка и успешна деловна жена: Соња Арсовска за мајчинството и кариерата
Да се биде успешен претприемач или деловна жена не е воопшто лесно, бидејќи водење бизнис бара многу работа и труд, вклучувајќи прекувремена работа, а понекогаш и патување.
Од друга страна, има семејство кое бара 24-часовен ангажман на жените мајки. Многу жени се соочуваат со проблемот како да се биде успешна мајка и деловна жена, па се прашуваат дали и двете се можни без последици. За да може жената да биде успешна мајка и полесно да ги извршува семејните обврски, важно е да биде среќна и задоволна со себе и да успее да ги постигне посакуваните цели во животот. Затоа, ако жената ужива да биде претприемач, зошто да не. Денес жените придонесуваат многу за претприемништвото, со своето знаење, а особено со погледот на жената кон бизнисот, а пред се со силата и истрајноста, што е доблест на женскиот род.
За мајчинството и кариерата, балансот помеѓу двете животни улоги разговаравме со Соња Aрсовска.
Оваа млада дама која има 36 години е остварена мајка на Давид и сопруга на Димче Арсовски. 14 години се занимава со маркетинг и пр а веќе скоро 5 сопственик на Маркетинг и Пр агенцијата Дот Медиа.
ЖМ: Почитувана Соња , веќе со години наназад се занимавате со маркетинг , остварена сте и во улогата на мајка. Колку може во Македонија да се биде успешна мајка и деловна жена, дали е тоа воопшто можно од ваша гледна точка?
- Нормално дека е можно, каде и да сте може да бидете и добра мајка и успешна деловна жена. Од секој аспект животот има и професионален и приватен дел, така да секако со добра организација и добро искористено време може да се постигнат и двете работи.
ЖМ: Колку вие се променивте, колку се промени вашиот живот откако станавте мајка
- Јас не се променив премногу, карактерот мој е ист, но животот и приоритетите се менуваат драстично. Не отстапив од некои мои навики и ритуали, но се промени мојот начин на живот, интересите, како на пример се намалија вечерните излегувања, почнав повеќе да уживам во мирот и моментите поминати со моите најблиски.
Приоритетите се менуваат затоа што мајчинството е нешто неописливо не споредливо, моментите со детето се бесценети. Љубовта што ми ја дава Давид е емоција од друга димензија што никогаш во животот ја немам почувствувано и тоа е двигателот на мојот живот.
ЖМ: Колку време имате да поминете со вашиот син во еден ден со оглед на тоа дека сте доста зафатена?
- Откако го имам Давид фунционирам со прецизна агенда како за работа така и за приватни работи. Заклучив дека со добра организација на работите е возможно да се постигнат многу повеќе работи. Така да во телефонот водам неделна агенда на обврски која е секогаш најмалку за една недела полна а доколку излезе нешто дополнително се обидувам да ги менаџирам. На тој начин ништо не останува заборавено и запоставено. Генерално скоро секој работен ден можам да си дозволам да после градинка најчесто да го посветам времето на мојот син, што не се разликува нешто повеќе од останатите мајки.
ЖМ: Со кои предизвици најчесто сте се судриле, соочиле кога станува збор за мајчинството и работата ?
- Со оглед на тоа дека работам имам доста динамична професија, Маркетинг и ПР, предизвиците се секојдневие. Во мојата работа нема прецизно работно време, имаме кампањи кои се за време на викенди, или организираме настани кои се навечер, периоди каде што работата е зголемена. Има денови каде што може да се случат 7 состаноци во денот кои се неодложливи, или снимања на реклами кои знаат да траат и по 17 часа... во тие случаи знам да го пуштам Давид во Струмица кај моите родители на неколку дена па после тоа да го искомпензирам моето отсуство со тоа што неколку дена сум комплетно посветена на него и неговите омилени активности. Или кога Давид ќе се разболи а истовремено имам некој важен настан или кампања, во тие моменти секако не можам да бидам сконцентрирана на ништо освен на здравјето на детето, но во тие моменти исто имам голема поддршка од сестра ми со која го водиме заеднички бизнисот и тогаш таа го превзема целиот товар.
Во секој случај предизвици има секојдневно, но се трудиме да совладеме сѐ.
ЖМ: Како наоѓате баланс, и како поставувате приоритет во зависност од тоа што е битно или итно?
- Како што напоменав претходно добрата организација и поставување на агенда по која се водам во текот на целата недела ми овозможи да кажам полесно да се справам со динамиката на мојот живот. За тековните работи можам да се потпрам и на мојот тим без кој не би можела, на сметка на тоа јас можам да превземам нешто што е поприоритетно во моментот. А за битно за мене се подеднакво важни и битни сите клиенти, без разлика на дејност и буџети. Секој што ми го доверил неговиот бизнис во мои раце заслужува подеднакво добар третман и посветеност. Успехот на клиентите е успех и за мене, бенефитите се секако взаемни.
Претпоставувам мислевте на професионален план, поради тоа што за битно и итно секогаш пред сѐ е и ќе биде моето дете, а се друго после него.
ЖМ: Кој е вашиот рецепт во исто време да го водите семејството, и бизнисот ?
Не постои рецепт, никогаш не можете да бидете најдобри во се, секогаш во одреден период мора да се направи поголема жртва дали за едното или другото.
Најважно е најде одржлив баланс.
Мислам дека не треба да ги идеализираме работите дека постои рецепт за нештата да бидат беспрекорни. Никаде не се и не можат да бидат, секогаш треба да им ја претставиме реалната слика на помладите и да ги мотивираме да бидат подобра верзија од себе.
ЖМ: Мајчинство, кариера и слобода – по која цена жените може да имаат се?
- Уф, не сакам да звучам феминистички по ова прашање, но навистина сметам дека жените имаат супермоќи. Натприродна сила, кога и после долг работен напорен ден, да има трпение да ги оствари сите семејни обврски, да му пружи внимание на детето, да мисли за работите што следат наредниот ден а притоа да води грижа за својот изглед, здравје и останато.
ЖМ: Во што лежи успехот на жената според тебе?
Сметам дека добрата енергија и мисла нѐ води кон позитивни работи, успехот не е само да имате позитивни и поголеми резултати во бизнисот.
Среќната и задоволна жена е успешна жена. Кога животот ти е исполнет, зрачиш со позитивна енергија многу полесно можете да ги остварите целите и да ги поминете препреките.
Успех е кога се радувате на достигнувањата на другите, кога се радувате за секого што му се случува нешто убаво.
Стабилноста на долгорочно ниво и континуитетот во животот се за мене успех.
ЖМ: Што е пресудно за да напредува жената во кариерата?
- Поддршка, амбиција, трпение, следење на трендови и иновации во дејноста и многу, многу работа.
Морам да признаам дека во мојот бизнис голема поддршка имам од мојот сопруг. Знам доста често да го консултирам за некои одлуки, мислења и секогаш е тука да ми се најде долколку ми треба помош. Кога имате поддршка многу полесно е се.
Трпението исто е фактор кој ме одржува во моменти кога и не оди се како што сум планирала. А со многу работа знам дека можам да постигнам сѐ.
Доста често сум се соочила со коментари од типот лесно ти е тебе убава ти е работата, животот или слично кои секогаш ги демантирам со тоа што мене не ми се паднало ништо од ова по среќа. Се сум постигнала сама со многу направиени жртви, труд, многу работа, многу неспиени ноќи или преспиени на компјутер и тоа е сѐ уште моето секојдневие.
Ако сакаме да си овозможиме квалитетен живот за себе и своето семејство мораме да излеземе од комфорт зоната и да вложиме поголем труд.
Со просечн труд има и просечни резултати, ако не се задоволувате од просечно секогаш може да дадете повеќе од себе и да постигнете повеќе.
ЖМ: Која е Вашата порака од досегашното искуство, на што најмногу треба да се фокусираат жените за да бидат успешни во бизнисот?
- Со оглед на тоа што доста долго се занимавам со оваа професијав сфатив дека успехот не доаѓа преку ноќ (барем не во мојот случај) потребно работа, посветеност, лојалност и голема желба и амбиции.
Како жена досега сум почувствувала само привилегија од моите соработници и клиенти, не сум почувствувала дека постои полова дискриминација во мојата дејност во ниеден момент, напротив сметам дека жените во маркетингот се доста по креативни, одоговорни, посветени и лојални и тоа клиентите го имаат искусено и знаат да го почитуваат.
ЖМ: На кој начин ги „полните батериите“ во слободното време, од каде црпите енергија и добивате елан?
Викенди или прошетки со Давид и сопругот, патувања, шопинг и коктел и вечера со сестра ми и другарките. После поголем стрес од успешен проект сакам да имам момент само за себе, па чекам да заспијат Димса и Давид, да си ставам чаша вино и чоколадо или сладолед и да се препуштам на онлајн шопинг. Tоа ми е некоја лична сатисфакција, со која се наградувам после некој успех.
А од физичкиот умор и стрес доста често ги полнам батериите во мојата родна Струмица кај родителите, каде што имам третман подобар и од најдобриот хотел (се смее) .
Ирена Ставрова