Карин Мимица: Македонија го менува името, но убавината и вкусовите никогаш
Карин Мимица, уредничка на познат хрватски портал специјализиран за гастрономија во својата последна репортажа го пренесува воодушевувањето од убавините и вкусовите на земјата на сонцето, како што самата ја именува нашата Македонија.
- Македонија го менува името, но убавината и вкусовите никогаш - пишува таа во својата репортажа.
Низ своето патешествие, Мимица тргнува од главниот град на Македонија кој, како што вели, во себе носи делови од сите времиња што поминале.
- Погледот на центарот на Скопје некои ги воодушевува, некои ги згрозува, но никој не останува рамнодушен. Како и да е, на секој чекор ќе наидете на нешто што сакате да го фотографирате -пишува Мимица.
Од гастрономските специјалитети на македонската софра, во мезе ги издвојува ајварот, макалото, сирењето и превкусната пастрмајлија, а од аперитивите - ракија и мастика.
Секако менито не ѝ поминува без традиционалното гравче тавче - тетовскиот грав, прво варен, па печен со лукче и незаменливата сува пиперка. За десерт секогаш има изобилство од месени слатки со ореви или овошје.
Мимица дава предлог, штом се наоѓате во Скопје, во секој случај да се посети црквата Св. Пантелејмон со оригиналните фрески од 12-тиот век. Секако во својот спиок го става и кањонот Матка со недопрената природа, живеалиште на дури 77 ендемски видови на пеперутки.
Движејќи се по Бистра, таа доаѓа до Националниот парк Маврово, каде е воодушевена и раскажува за Манастирот Св. Јован Бигорски, како и околните ресторани со превкусни традиционални јадења и неизбежно ја спомнува познатата Галичка свадба.
Патешествието на Мимица, продолжува се до Охридското езеро - бисерот на Македонија.
- Кога ќе се најдете на неговиот брег, имате чувство дека има море пред вас. Додека по езерото пловат бродчиња, едрилици, кајаци, нуркачи, пливачи, туристите можат да изберат во кој од многуте хотели и апартмани да се преселат привремено, освежувајќи се во рестораните и кафулињата над езерото. Целиот крај е полн со остатоци од антички и средновековни базилики, а исто така има и туристи од целиот свет - пишува Карин.
Тука не изоставува да ја спомене црквата Св.Наум Охридски со својата топлина и историја, како и охридската пастрмка, една од 10-те ендемски видови на риба во Охридското Езеро.
Заминува кон Битола, најопеаниот град, низ ресенските јаболкови насади, поминува низ градот под Марковите Кули- Прилеп и оди кон Велешките и Тиквешки краишта, кои ги фали за неверојатниот избор на вина.
- Ако барате природни убавини и вкусови со историски поглед, ја препорачуваме искапената во сонце, Македонија - заклучува Карин Мимица.