Најголема психотраума е загубата на сопственото дете, итно пружање на психолошко-психијатриска помош на преживеаните и родителите: Невропсихијатарот Мице Дудучки за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Здружението на психолози и психијатри направи програма за згрижување на психотрауматизираните со тоа што во соработка со здравствената служба на општина Кочани и со црвениот крст веќе од утре ќе почне со тимска работа се додека граѓаните имаат потреба од тоа- кажа за Женски магазин невропсихијатарот Мице Дудучки.

„Искуство на нашиот стручен тим во третман на психотрауматизираните и пациенти со посттрауматско стресно растројство сакаме да го примениме и во оваа ситуација и заедно со здружението на психолози и психијатри направивме програма за згрижување на психотрауматизираните со тоа што во соработка со здравствената служба на општина Кочани и со црвениот крст веќе од утре ќе почнеме со тимска работа се додека граѓаните имаат потреба од тоа. Притоа со себе носиме медикаменти кои се нужни во вакви ситуации“ - вели невропсихијатарот Мице Дудучки за Женски магазин.

Невропсихијатарот вели дека во конкректниот случај со трагедијата во Кочани, „се работи за акутно стресни реакции од кои повеќето имаат карактер на акутни психотрауми и кај членовите на семејството на починатите и кај оние кои биле повредени или пак биле сведоци на овие грозоморни сцени каде што огнената стихија проголтала 60 млади животи и околу 150 полесно или потешко повредени поради изгорениците, но и поради хемискиот пенумонитис (воспаление на белите дробови) од гасовите настанати при самото согорување на синтетичките материјали во објектот и ослободување на големо количество јаглерод моноксид кој се врзува со хемоглобинот и дава метхемоголбинемија, а со тоа и буквално загушување на жртвите поради недостаток на кислород во целиот организам, примарно во мозокот“ , додавајќи дека ваквите психотрауматизирачки состојби примарно имаат ефект на ужас, катастрофичност, витална загрозеност што и доведува до паничка реакција кај присутните во наведената дискотека и неможност поради непостоење технички услови обејктот да се напушти навреме, што создава ефект на стампедо, што дава уште потрауматизирачка слика за оние кои го преживеале настанот“. 

Според принципите на дизастер медицина ( медицина при масовни несреќи), невропсихијатарот Дудучки вели дека е потребно ургентно пружање на психолошко-психијатриска помош на преживеаните кои претрпеле и физичка и психичка повреда како и третман на членови на семејството и нивните блиски не само кај починатите, кај повредените туку и останатите граѓани која оваа трагедија ја доживеале искучително трауматично. 

„Имидијантно пружање на стручна психолошка поддршка, охрабрување, пружање утеха , персуазија, советување, а често и примена на психофармаколошки средства (седативи, хипнотици, антипсихотици, антидепресиви) со цел да се превенираат штетните последици од ваквата психотраума кои се манифестираат како реактивна депресија, посттрауматско стресно растројство и често реакции со пролонгирана анксиозно- депресивна состојба, чувство на вина, бес, огроченост и анимозитет кон сите чинители кои допринеле да се случи една ваква трагедија.

Акцентот на психолошката поддршка се дава на прифаќање на губитокот, охрабрување, создавање на атмосфера на сигурност и безбедност и за самите членови на семејството и блиските и за самите психотрауматизирани и физички повредени. Таков пристап треба да биде усмерен и кон родителите со оглед дека една од најголемите психотрауми е губиток на сопственото дете притоа укажувајќи на потребата да се елеминира чувството на индивидуална вина, затоа што нивните деца во тој момент се нашле на местото и на настанот кој за жал однел десетици млади животи“, објаснува Дудучки.

Првичните активности, вели тој,  треба да бидат насочени кон намалување на штетните ефекти од психотраумата, паралелно со лекување на телесните повреди што пред сѐ има тераписки ефект но и ефект врз превенцијата на можни депресивни, психотички состојби па дури и ризици од суицид или хомицид.

„Парелелено со овие активности треба да овозможиме истражните органи коректно, стучно и одговорно да ги утврдат сите факти и пропусти кои довеле до една ваква трагедија од невиден размер на нашите простори. Да се утврди вината кај секој поединец кој направил вакви намерни или ненамерни пропусти, злоупотреба на службена должност и да се утврдат евентуалните коруптивни релации на сите одговорни чинители од надлежните министерства па се до органите на локалната самоуправа“, дециден е невропсихијатрот.

Се разбира дека ваквиот трауматичен настан од огромни размери како и претходните несреќи во кои имавме голем број човечки жртви има кумулативен ефект врз менталното здравје на општата популација пред сѐ во вид на чувство за несигурност, небезбедност, неперспективност што ќе создаде една пролонгирана анксиозно-депресивна состојба кај вкупното население, па здравствената служба ќе има огромна задача во справување со последиците од овој трауматски настан, а таквите активности ќе треба добро да се организирани, испланирани и реализирани преку изготвување на државна стратегија за заштита и унапредување на менталното здравје на целата популација а особено на највунерабилната, младата популација. 


ИРЕНА СТАВРОВА