„ВДИШУВАЊЕТО НА ВРЕЛ ВОЗДУХ И ТОКСИЧНИ ГАСОВИ ЈА ПРАВАТ КЛИНИЧКАТА СЛИКА ПОСЕРИОЗНА“: Лекарите очекуваат компликации кај некои од пациентите

Освен со тешките изгореници од втор и трет степен, пациентите повредени во трагедијата во Кочани се соочуваат и со сериозни последици од вдишување на токсични гасови. Вкупниот број на хоспитализирани надмина 160, а половина од нив се префрлени во болниците во соседството, но од денеска и во подалечните европски земји, Италија, Холандија, Белгија, Литванија.
Лекарите предупредуваат дека клиничката кај некои од пациентите станува покритична заради отровните гасови кои пациентите ги вдишале во моментот на пожарот. Високите температури и согорените материјали ослободиле штетни материи што дополнително ја влошуваат нивната состојба.
„Другиот дел на повредите кој ја прави сериозноста на клиничката слика поголема е вдишувањето на врел воздух и отровните гасови од согорување на материјалите“, изјави директорот на ГОБ „8-ми Септември“, д-р Синиша Стојаноски.
Истовремено, на Клиниката за Токсикологија, каде по несреќата, се хоспитализирани 18 пациенти. четворица заради влошување на општата состојба се префрлени на Клиниката за интензивно лекување на КАРИЛ. Од нив се очекува три лица да бидат префрлени во странство – во Словенија и Полска.“
Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев нагласи дека во натредните денови очекуваат компликации кај некои од хоспитализираните.
„Четворица од пациентите на Токсикологија се во нестабилизирана состојба. Не сме задоволни, бидејќи се работи, покрај изгореници на горните дишни патишта, и за акутно тешко труење со штетни гасови, посебно со јаглерод моноксид. Очекуваме да има компликации во наредните денови, но ние сме сите мобилни, екипите на клиниката се појачани и мислам дека сè ќе биде во ред. Се надеваме и со Божја помош дека сè ќе биде во ред“, изјави проф. д-р Чибишев.