„Колку бараш за Марија - 5, 10 милиони? Дојдов да ти ја земам жената“: Вака започна најфаталната љубов на 20 век, која ни смртта не ја згасна

Моника Белучи во елегантен, црн фустан со залижана коса врзана во ниска пунџа седи на жолта софа на затемнета сцена и ѝ се обраќа на публиката со нејзиниот глас наполнет со емоции додека раскажува мелодраматични детали од животот на оперската дива Марија Калас. Ова е сцена од „Марија Калас: Писма и мемоари“ во која Белучи всушност ја игра Калас, читајќи извадоци од постхумно објавената книга на овој сопран, која ги содржи и нејзините писма и мемоари.

Дали оваа претстава е достоен потсетник за дивата како Марија Калас, оставаме на критичарите да проценат, а таа не‘ потсети на големата љубов што ја живееше оваа Гркинка со прекрасен глас и која ѝ го одбележи животот. 

Големите љубови се главно тажни, драматични, речиси „епски“ - со себе носат бранови на восхит и светли моменти, но и ревност, груби зборови, бурни кавги, страшни разлики, а често се претвораат во патолошки односи без крај. Една од нив беше романсата меѓу познатата оперска дива Марија Калас и грчкиот милијардер Аристотел Оназис, која остана запишана како една од најубавите, но и најтешките љубовни приказни во модерната историја.

Гламурозната ѕвезда од Грција со уникатен глас и харизма, една од највлијателните жени на своето време, елегантна и недопирлива, Марија Калас, речиси две децении живееше бурна и интригантна љубовна врска со Аристотел Оназис, а нивната врска до ден денес ја заинтригирува јавноста. Поминаа години и години во еден вид заедништво, но и покрај цврстината на врската, нивната врска беше „обоена“ со солзи, падови, пречки, одмазда и драматични пресврти. 


„Забранета“ љубов

Кога се родила љубовта меѓу грчката пејачка и познатиот бизнисмен на неговата јахта „Кристина“, на која тогашната елита отиде на тринеделно крстарење по Медитеранот, двајцата биле во брак - таа со 30-години постар менаџер Џовани Батиста Менегини, а Аристотел со богата наследничка Атина Либан. Ништо не можело да ја збуни силната емоција што се појавила во тоа време, пречките и општествените норми не можеле да застанат на патот на магнетната привлечност, дури ни фактот дека на јахтата бил присутен и сопругот на Марија.

Харизматичниот богаташ бил фасциниран од шармот на тогаш 32-годишната дива, а секоја нејзина желба за него била заповед - кога рекла дека сака танго, тие цела ноќ танцувале танго, кога рекла дека сака рози, тој ја наполнил целата сала со рози, кога таа рекла дека сака прослави, тој организирал една само во нејзина чест ... 

И токму таму, една топла августовска вечер, на таа јахта, која се укотвила во подножјето на Света Гора, еднаш засекогаш се вкрстил животот на Марија и Аристотел. Тие потоа се сретнале со вселенскиот патријарх Атенагора, кој им се заблагодарил што ја величат Грција, нарекувајќи ги „најголемата пејачка и најголемиот морнар во современиот свет“. Очите на Марија се наполниле со солзи, а тие зборови таа ги толкувала како Божји знак и дозвола за нивната љубов, кршејќи го секој отпор кон оваа „забранета“ романса.

Оваа успешна и нескротлива дама побарала развод од сопругот штом завршило крстарењето. Менеџини „полудел“ со тоа што јавно го обвинил Оназис дека му го растурил бракот. Легендарниот богаташ реагирал на свој начин – јавно го прашал: „Колку сакаш за Марија? Пет или десет милиони?“

А потоа една вечер тој едноставно се појавил пред нивната куќа, ја повикал Марија и му се обратил на сопругот: „Дојдов да ти ја земам жената!“ 

Во месеците што следеле, вљубената двојка завршиле со своите претходни сопрузи, се развеле, и се впуштиле во романса која ќе трае до смрт, но со страшни и болни препреки и перипетии еднакви на најимагинативните холивудски достигнувања.


Токсична врска

Врската со Аристотел придонесе убавата Гркинка да биде честа „мета“ на таблоидите, иако и пред тоа имала лоша репутација во печатот. Новинарите често со неа ги поврзувале зборовите „развратена“ и „изопачена“, а оваа афера за нив била вистинско „поврзување“. 

„Јас не сум ангел и не се преправам дека сум. Тоа не е една од моите улоги. Но, јас не сум ниту ѓаволот. Јас сум само жена и уметник, и како таква сакам да бидам судена“, рекла Марија во една прилика.

Сепак, нејзината лоша репутација во јавноста, во комбинација со тешкотиите во пеењето, кои се појавиле поради наглото слабеење и слабеењето на дијафрагмата, како и љубовта со Оназис, ја натерале да се повлече од сцената, далеку пред време.

Сакашла да биде само „вљубена жена“ и целото свое внимание и енергија да го насочи кон својата нова љубов - и навистина извесно време бескрајно се сакале, Марија го придружувала богатиот бродар на патувањата низ светот, уживала во неговите скапоцени подароци, прекрасни фустани, поддршка, внимание, одушевувањето од неа ..

Меѓутоа, во следните години нивната врска добила патолошка форма и се претворила во садо-мазо врска во која Аристотел бил брутален и бесчувствителен, а Марија жена зависна од неговите допири и зборови, која живеела само во времето поминато со него. 

Понекогаш тој не ѝ се јавувал со денови, а таа очајно го чекала неговиот повик. Си поигрувал со неа - исчезнал на кратко, па се вратил со големи гестови, медени зборови и постапки. Бил суров - често ја понижувал во друштво, велејќи дека е само „глупава, прекумерна дама со голем нос“.

Во една прилика јавно ја посрамотил велејќи дека е „добра само за кревет“. Во друга прилика, кога ѝ ветил на Марија дека конечно ќе се ожени со неа, таа го открила тоа пред новинарите. Сепак, Оназис ги демантирал нејзините изјави, истакнувајќи дека тоа се „детски шеги и нејзини фантазии“. Како сето тоа да не било доволно, Оназис бил компулсивно неверен, а кулминација била аферата со Џеки Кенеди, тогаш најпосакуваната вдовица на планетата. 

Марија сакала повторно да помине едно лето на крстарење со Оназис, но тој ѝ рекол дека тоа е невозможно, бидејќи има специјален гостин на јахтата (мислејќи на Џеки). Марија потоа го оставила, што тој лесно го поднел, велејќи ѝ дека повторно ќе ја види во септември.

„Не, Ари, не разбираш, ќе те оставам и никогаш повеќе нема да се вратам кај тебе“, му рекла тогаш оваа трагична хероина.

И навистина - тој настан го означил дефинитивниот колапс на нивната љубов, но не и крајот. 


Нова / стара романса

Оназис се оженил со Џеки Кенеди, наводно за да стекне влијание во Америка, но наместо тоа, трајно го скршил срцето на една жена која безусловно го сакала и живеела само за него.

Џеки се омажила за него само поради неговото богатство и моќ, а не можела да му угоди на неговиот темперамент и природа, за разлика од обожаваната Марија, па тој набрзо ужасно зажалил за одлуката. Некои записи велат дека сакал дури и да ја откаже венчавката, но поради хистеријата на Џеки и немањето „валидна причина“ според строгите грчки закони, тој сепак запловил во брачните води.

За Марија Калас тоа било најтрагичниот период во животот, а тоа најдобро го опишува нејзината кратка изјава. „Прво го изгубив гласот, потоа фигурата и на крајот Оназис“, рече таа. 

За венчавката дознала од пријател и од весниците, па по самоубиствени мисли, куп лекови и апчиња за спиење, со последни сили на своја волја оставила времето едноставно да помине и почнала полека да си го средува животот.

Сепак, познатиот бродар бил решен да не ја пушти, многу му недостигала, а сè повеќе копнеел по љубовта на Марија, нејзината топла прегратка и цврстата поддршка. Упорноста, притисокот, дарежливите гестови на Аристотел вродиле со плод - оперската дива не можела да одолее да ја „оживее“ нивната романса, но продолжила да биде нестабилна и обоена од кавги и постојани препреки, бидејќи тој сепак бил официјален сопруг на Жаклин Кенеди.

Сепак, тој никогаш не криел дека бил чест гостин во станот на Калас во Париз и нивната љубов била буквално проѕирна. Забележано е дури и дека тој во познатиот клуб „Максим“ извикал: „Колку е добро да ги почувствувам повторно колковите на Марија, сит сум со коски дома“.


„Додека смртта не не‘ раздели…“

Последните години од животот на Оназис ги одбележаа големи трагедии - смртта на неговиот единец, падови во бизнисот, самоубиството на поранешната сопруга, тешката болест, а Марија тогаш, како и во многу моменти од неговиот бурен живот, само светла точка. 

А потоа, кога почувствувал дека му се ближи крајот, ја побарал својата сакана љубовница, нарекувајќи ја својата „единствена вистинска сопруга“. Најблиските пријатели на Оназис сведочеа дека таа одговорила на неговиот плач, лежејќи будна цела ноќ во болничка постела.

„Те сакав, не секогаш добро, но те сакав колку што можев“, наводно ѝ рекол на познатата оперска пејачка.

Во 1975 година, кога починал, Аристотел го однел последниот подарок на Марија со себе во болница - црвено ќебенце Хермес.

Две години подоцна, од срцев удар на 53-годишна возраст почина и познатата, храбра, елегантна дива. Нејзината пепел била расфрлана над Егејското Море, а тоа било уште еден во низата докази за нејзината трајна и вечна љубов кон контроверзниот грчки бродосопственик.

„Отсекогаш глумев хероини кои умираат за љубов - и тоа е нешто што можам да го разберам“, рече Марија непосредно пред нејзината смрт, уште еднаш покажувајќи дека нејзината љубов е поголема и посилна од животот и смртта.


Фото: Профимедиа