Лила проговори за смртта на татка си: Ми фалат заедничките прошетки

Добивај вести на Viber

Беше горд што сум факултетски образована и што си го остварив сонот. Беше моја ѕвезда водилка, човек за пример, столбот во семејството, вели популарната водителка Лила Стојановска која за „Женски магазин“ одлучи првпат јавно да проговори за смртта на нејзиниот татко Милан кој почина пред три и пол години од канцер.

Болеста му била доцна дијагностицирана во поодмината фаза, иако бил дисциплиниран пациент кој редовно одел на лекар.

- Сѐ се случуваше неочекувано брзо. Кога го изгубивме ми требаше време да се соземам. И денес ми е тешко да зборувам. Времето поминува, но болката не се намалува. Сѐ е исто само се навикнуваш. Татко ми секогаш ни нагласуваше дека здравјето е најважно. Баш го сакаше животот – раскажува Стојановка.

За нејзиниот родител таа зборува во суперлативи. Функционирале како најдобри другари, најмногу им се радувала на заедничките прошетки, бил остар и директен, но секогаш реален во излагањата.

-Беше среќен  кога обожавателите ќе ме застанат на улица да ме гушнат и да се сликаат. Единственото нешто за кое ми замери се моите два развода. Немаше конзервативни сфаќања, туку едноставно сакаше да се заштитам себе си.Во секој случај беше моја голема поддршка. Тој беше онаа машка фигура која одигра важна улога во растењето на син ми Филип. Имаше огромно влијание во тој дел, за многу мои ситуации имаше разбирање и решение – открива водителката.

„Татко ми беше среќен  кога обожавателите ќе ме застанат на улица да ме гушнат и да се сликаат. Единственото нешто за кое ми замери се моите два развода“, открива Лила 

Заштитното лице на многу македонски брендови и домаќинка на телевизиското гејм-шоу „Сѐ или нешто“ токму пред смртта на татка си вистински почувствувала на своја кожа колку е сурова јавната професија.

-Речиси три месеци од болница одев директно на снимање. Останав насмеана пред камерите и во моментите кога знаев дека веќе ништо нема да биде исто во мојот живот. Пред натпреварувачите во студиото не покажував никаква емоција и секоја епизода од квизот ја одработив професионално до крај. Тоа не го умее секој – завршува Лила.

Ѓорге Стојанов