„Мајка ми ме оставила на 4 месеци во дом, но нема да дозволам да остаре сама“: Наместо во пелена сум била завиткана во ќеса
Напуштена од семејството како четиримесечно бебе, Јасмина Стојановиќ (35) од Крагуевац на своето детство се сеќава само преку една обетка и кукла - бебе кое може да плаче. Мајка и на 19 години ја предала во Центарот за социјална работа, повиена во ќеса бидејќи немала пелени. По повеќе од 3 децении Јасмина си ја најде мајка си и ја донела во нејзиниот дом. Решила да се грижи и да ја чува својата мајка и покрај се, кога е сега во поодмината старост. Оваа жена со големо срце покажа дека простувањето не е слабост, туку сила, а денес е благодарна на Бога што ја благословил со седум деца и семејство полно со љубов.
Како девојка на 19 години, мајката на Јасмина запознала млад човек во кој се заљубила. Нивната љубов родила нов живот, а потоа работите почнале да се менуваат. Како што раскажува Јасмина за српски Телеграф, откако татко и ја оставил мајка и, ја осудил на живот без биолошко семејство.
Мајка ми имала само 19 години кога се заљубилаво татко ми. Нивната љубов била голема, но не и рамноправна. Мајка го сакала со сето свое срце, додека татко ми биле боем - човек со немирен дух, кој ги сакал кафеаните и слободата повеќе од семејството. Кога сум се родила, тој не останал со нас. Ја оставил мајка ми сама да се соочи со се. Мајка ми останала сама, сама отишла да се породи и сама ме извадила од болница. Тогаш таа била со нејзината мајка, баба ми, а го немало нејзиниот татко бидејќи починал многу млад. Ми кажа дека била принудена да се омажи затоа што баба и останала млада вдовица со четири деца и не работела никаде, а потоа дошло бебето и не можела повеќе да издржи со своето. Таа се грижела за мене до четвртиот месец, а потоа со баба ми заминале во Центарот за социјална работа и потпишале на документите дека ќе одам во згрижувачко семејство. Се потпишала и се налутила на мајка и, па отишла кај нејзината баба - раскажала Јасмина.
Српското згрижувачко семејство не ја одвојувало од децата, била миленичка
Сиромаштијата што ја притиснала нејзината мајка да ја предаде на згрижувачко семејство, како и безмилосната средина, ја напишале иднината на Јасмина. Дека е родена под „среќна ѕвезда“ доказ е српското згрижувачко семејство од Милошевац, на кое Јасмина им била дадена на шест месеци. Покрај биолошките деца, Јасмина, како што вели и самата, им била миленичка иако е од ромска националност. Ја образувале, се грижеле и убаво ја облекле.
- Мајка ми навистина немала. Не сум била завиткана во пелена, туку во торба. Баба ми повремено доаѓаше да ме посети, тоа е единственото нешто што го паметам. Се сеќавам и дека за сето тоа време мајка ми ми купи еден пар обетки и кукла што плаче и тоа беше се. Бев даденаво згрижувачко семејство од Милошевац и со нив сум цел живот, од шест месеци до денес. Тие сега ми се кумови. Ќерката на жената што ме чуваше, ја сметам за сестра, ми ги крсти децата минатата година, а жената што ме чуваше ме крсти. Мојата згрижувачка имаше свои биолошки деца, ќерка и син, а јас секогаш бев миленичка, без разлика што бев од ромска националност. Секогаш велеа дека сум нивна и никогаш не дозволуваа некој да ме навредува или да каже дека сум ромка. Имав многу убав живот покрај нив, се образував, можев да јадам, пијам, ме облекуваа и негуваа - се присетува Јамина и додава дека згрижувачкото семејство никогаш не ја поттикнувало да има негативни емоции кон мајка и.
- Мојата згрижувачка никогаш не ми дозволи да кажам нешто лошо за мајка ми, ниту пак кажа нешто лошо за неа. За мајка ми секогаш велеше дека мора да има објаснување зошто ме оставила и дека сепак таа е моја мајка и така ме научија да ја сакам мајка ми и покрај се - вели Јамсмина.
„Јасмина, сине, ти си тоа?“
Првиот контакт со мајка и го остварила пред 3-4 години откако од баба и го дознала името на мажот на мајка и, кого го пронашла преку „Фејсбук“. Кога првпат се виделе на камера, моментот не можел да се опише со зборови.
-Сега, кога сум возрасна жена, сакав да разговарам со мајка ми и никогаш не барав причина да ми каже зошто ме остави, туку таа самата сакаше да ми каже. Секогаш ми недостигаше мајка ми, без разлика што имав згрижувачка мајка која беше повеќе од мојата родена мајка. Пред четири години, кога беше жива баба ми, од неа го дознав името на тогашниот сопруг на мајка ми и стапивме во контакт преку Фејсбук. Многу сум емотивна и гласно плачев кога ја видов. Кога се појавив пред камера, иако таа во тој момент не знаеше дека сум јас, ми рече „Јасмина, сине, ти ли си?“, бидејќи многу личам на мајка ми и баба ми, исти сме. Почна да плаче и падна на подот. Ми беше многу тешко - низ солзи раскажува Јасмина, која дозна дека нејзината мајка е во Италија и дека има четири деца.
„Таа ќе живее со мене и се што имам јас, ќе има и таа“
Поради семејното насилство кое го доживеала во бракот, мајката на Јасмина поминала низ тежок период, а засолниште нашла во безбедна куќа. Јасмина, би се рекло со неверојатно благородна душа, е решена да ја донесе мајка си кај себе и да и подари безбеден и убав живот под ист покрив со неа.
-Мајка ми повеќе не е со тој човек бидејќи претрпела насилство од него и сега е во безбедна куќа во Италија. Зборував со мајка ми и реков дека ќе ја донесам овде во Германија и дека нема да дозволам да страда, тоа е под моето достоинство, сепак таа ми е мајка. Таа сега има 55 години и и треба помош. Реков „Мајко, ќе дојдеш кај мене, нема да те дадам и се што имам, ќе имаш и ти“. Многу и беше тешко и ми рече дека не заслужува така да се грижам за неа бидејќи ме оставила, но Господ ме награди и ме благослови со седум деца и не сакам да си дозволам да страдам во длабока старост - вели Јасмина.
Низ приказната, како што вели Јасмина, го обвинува татко и што ја напуштил мајка и кога најмногу и требал.
- Мојот биолошки татко почина пред десет години, еднаш го видов и толку. Ја остави кога најмногу ѝ требаше, а ако ја поддржуваше и беше маж кон неа, мајка ми ќе беше покрај мене и тогаш и сега - рекла Јасмина.
Како сопруга и мајка, Јасмина е симбол на простување и безусловна љубов, давајќи пример дека семејството не се мери со грешките од минатото, туку со силата на заедништвото која секогаш може да се обновува.
Фото: Социјални мрежиИзвор: Telegraf.rs