Од мала сакам да им помагам на луѓето: Кристина Арнаудова за здружението „Проект среќа“

Добивај вести на Viber

Нејзината лична приказна од детството ѝ ја поттикнала желбата денес да им помага на другите. Пејачката и автор Кристина Арнаудова веќе четири години гордо стои зад здружението „Проект среќа“, кое интензивно им помага на децата кои живеат во социјален ризик да имаат посреќно детство. Кристина за Женски магазин сподели дека нејзината мајка, за која често изјавува дека ѝ е најголемиот херој ја родила на 19 години. И покрај инсистирањето на семејството да биде дадена во дом за деца, Арнаудова вели дека љубовта и упорноста на мајка ѝ победила, и таа растела среќно крај неа. Денес, освен пеењето, денот на Кристина која и самата е мајка на Матео и на Максим, во најголемиот дел е посветен на среќата на децата. Последниот хуманитарен проект, школата за музика „Гитари, дирки и свирки“ која неодамна се отвори е почетен повод за нашиот разговор.

* Што ве поттикна да се отвори школата „Гитари,дирки и свирки“, кога стартува и на кој начин?

- Сите проекти на кои работиме се насочени кон подобрување на квалитетот на живеење на децата во социјален ризик, и нештата кои во иднина ќе ги направат еднакви, квалитетни и конкурентни во општествово. Голем дел од тие деца ги немаат истите услуви за образвание , неформално образование и развој и лоцирање на таленти како нивните врсници. Токму тоа е она што недостига за да во иднина имаме една нова квалитетна генерација на нови луѓе кои ќе бидат носители на општеството. Со моменталната ситуација, кога огромен број на деца живеат во тешки материјални услови, потребата на вакви проекти е неопходна.

По отварањето на детското драмско студио ,,Неверленд“ кое е бесплатно за сите деца кои се во таа категорија, и кое во моментов го посетуваат повеќе од 30 деца, следно како уметност беше музиката и ликовните уметности, но и разни вештини со раце.

Имаме уште многу планови, и вредно работиме на тпа што повеќе деца да можат да ги користат овие услуги.   

* Од што си најзадоволна во овие четири години од постигнатото во „Проект среќа“, а што најмногу те разочарува во создавањето на новите проекти?

- Најзадоволна сум од нашиот развој, од тоа што го лоциравме нашиот фокус, а тоа се децата, што сме тука за нив, и што направивме од „Проект Среќа“ едно големо семејство каде тие се секогаш добредојдени. Среќна сум што не чувтсвуваат за семејство и што знаат дека можат да ни кажат сѐ, и знаат дека сме секогаш тука за нив.

Разочарувањата во оваа работа се секојдневие, па се трудам да не се фокусирам на нив. Од незаинтересираноста на најголемиот број компании да се вклучат, па сѐ до игнорирањето од институциите кое ни се случува секојдневно. Но, како што кажав, време за кукање немаме.

* Дали некоја твоја лична случка, момент од твојот живот, детство, те инспирираше да ја основаш „Проект среќа“ ? 

- Не се сеќавам кога точно се случило тоа , бидејќи и како мала имал нагласена потреба да помагам некому.

Кога бев доволно голема да разберам, сфатив дека мајка ми која ме родила на 19 години, е заслужна за тоа што јас растам со неа, а не во дом за деца, иако нашето семејство инстистирало да бидам дадена во дом.

Тогаш сфатив дека она кое ме дели мене од децата кои се во дом, е само мал момент на одлука, мал момент на инает и љубов, став, и отпор кон предрасудите. Тогаш го добив тој голем порив да им помогнам. Не знаев точно како, но со текот на времето таа желба се искристализира во точна визија. И така се роди „Проект Среќа“.

 * На што следно работите, кому следно ќе му понудите нова можност и помош? 

- Следна е ,,Конферецијата за деца со помалку можности-Самит на детски желби 2019“ , која втора година по ред ја работиме. И тоа е мој авторски проект, на кој сум исклучително горда, бидејќи тоа е единственото место каде можете да ги чуете децата, како им се обраќаат на деца, како се мотивираат меѓусебно, и како рабоптат на тоа да не се откажуваме од нашите соништа. На 25 ноември, како дел од нашата програма за Месецот на детето-Ноември, ќе се случи конференцијата, и сметам дека и сите возрасни би морало да бидат таму за да ги чуеме заедно децата, и да им кажеме дека сме тука за нив. Ако ме прашуваш, “што е тоа што најмногу им недостасува“ ќе ти кажам дека тоа е „да ги слушаме“, барем малку. Од нив произлегуваат многу мудрости и решенија.

Во декември подготвуваме нов проект, кој ќе биде мало зиненадување. За прв пат нема да го работиме проектот ,,И јас сум Дедо Мраз“ но ќе го замениме со нешто многу убаво. 

* Колку твоите синови се свесни за твојата хуманитарна работа, како реагираат тие на децата на кои секојдневно им помагате?

- Максим знае точно што правам, како помал доаѓаше со мене во некои семејства, а секоја година доаѓа на летниот камп во Маврово и се дружи со децата. Матео сѐ уште не знае што е тоа што го работам, но моја желба е тие да ме наследат и да бидат носители на проектите во „Проект Среќа“ еден ден. Сакам да им ја оставам во наследво најубавата професија во светот, да им помагаш на другите. 

Милица Џаровска