Мајката на Верица, чии органи спасија повеќе животи доби вработување: Премиерот Заев отвори Канцеларија во Струмица

Премиерот Зоран Заев денеска во Струмица ја отвори Канцеларијата за непосреден контакт со граѓаните.


-Оваа канцеларија претставува уште една алатка за комуникација со граѓаните, место каде што тие ќе можат да ги адресираат своите прашања, проблеми и предлози. На едноставен и лесно достапен начин секој граѓанин од Општина Струмица, но и од соседните општини ќе можат да закажат средба со премиерот Заев, а за време на викендите тие средби ќе можат и да се реализираат, велат во соопштението.
Поддршка во овој процес граѓаните ќе добиваат од вработените во Канцеларијата, меѓу кои и Душка Белчовска, мајка на Верица, девојката која преку најголемиот хуман чин - донација на органите - спаси повеќе човечки животи.

Премиерот Заев денеска оствари и кратка средба со Белчовска, на којашто разговараа за нејзиниот ангажман во Канцеларијата во Струмица. Премиерот Заев уште еднаш ја повтори огромната благодарност и восхит за одлуката органите на нејзината ќерка да бидат донирани и со тоа да спасат животи.