Македонија во спотовите на балканските ѕвезди (ВИДЕО)

Добивај вести на Viber

Чола пловеше на Канео, „Фламингоси“ пешачеа на Водно, Јоксимовиќ позираше на скопскиот плоштад, а Бојан Маровиќ прошета покрај Велешко езеро. Овие видеозаписи се снимени во нашата земја 

„Ватра и барут“ (Здравко Чолиќ)

Една од најголемите поп-ѕвезди на овие простори, Здравко Чолиќ, во Скопје и во Охрид го сними видеото за насловната тема од албумот „Ватра и барут“ на која соработуваше со Влатко Стефановски. Спотот го работеше нашиот реномиран режисер Игор Иванов-Изи, а особено впечатливи се сцените со манекенката Натали Грубовиќ снимени во Охрид. Изи во една прилика објасни дека проектот е замислен како патување низ времето и дека во пост-модерен манир поврзува различни локации и стилови, претставувајќи ја Македонија преку нејзиното древно наследство и денешницата.

- Чест ми е што после толку години кариера конечно имам видеозапис направен во Македонија. Не доаѓам претерано често, но ги одржувам пријателствата кои ми значат најмногу – изјави на промоцијата популарниот Чола.

„Македонка“ (Фламингоси)

На наш терен позираа и водителот Огњен Амиџиќ и сега веќе покојниот актер Маринко Маџгаљ, членовите на популарното српско дуо „Фламингоси“. Спотот за нивната балада симболично насловена „Македонка“ го снимааа на Водно, покрај грандиозните зданија од проектот Скопје 2014, на браната Козјак и во Старата скопска чаршија. Во видеото главната улога ја има нашата манекенка со интернационална кариера Емилија Розман.


„Скопје Београд“ (Жељко Јоксимовиќ и Даниел Кајмакоски)

Жељко Јоксимовиќ во нашата метропола го сними заедничкиот спот со Даниел Кајмакоски, видеоприказна која има речиси 14 милиони прегледи на „јутјуб“ и која сѐ уште редовно се емитува на популарни ТВ-станици од целиот Балкан.

- Скопје последниве години архитектонски многу се промени. Центарот на градот со сите тие објекти изгледа како една огромна сценографија и спонтано се наметна идејата да го искористиме просторот - изјави Јоксимовиќ на промоцијата.


„Фотографија“ (Бојан Маровиќ)

Македонија е во фокусот и во еден од спотовите на Бојан Маровиќ. За темата „Фотографија“ познатиот црногорски пејач позираше пред објективот на Дарио Јанковиќ покрај Велешко езеро, а беа искористени и инсерти од едно негово гостување во Универзална сала. Проектот не доживеа значителна популарност.

- Слободно можам да аплицирам за македонско државјанство. Постојано доаѓам во Скопје и секогаш спијам во истиот хотел – се пошегува Маровиќ во едно интервју.


Ѓ.С.