Македонската парфимерка Марија Аслимоска на кафе во „Бела“: Најчесто носам различни комбинации на парфем одеднаш
Марија Аслимоска е уште една во низата успешни дами од нашата држава. Иако долги години живее и работи во странство, таа никогаш не заборава на својата земја во која е родена.
По професија е парфимерка, а воедно и основач и креативен директор на парфимерија во Даблин, првиот „niche perfume boutique“ во Ирска, кој е единствен од 2013 година. Дека е успешна во својата работа говори и фактот дека на клиентите не им ги нуди само „niche“ парфемите, туку се труди секој еден од нив да добие професионално мислење за тоа кој парфем најмногу им одговара. Поради ова се уникатни, а воедно и многу успешни во Ирска. За разлика од ова, вторниот дел од бизнисот и е насочен кон приватните и професионални креации на парфеми.
Ултра модерните комбинации кои ги носеше за рубриката „На кафе во Бела“, се најава за колекцијата пролет/лето 2022 година, а истите се изработени од „Tenceli“ - материјал во природна зелена, златна и розе боја. Овој пат, Бела како светските модни брендови ви најавува дел од колекцијата со можност да си ги обезбедите омилените модели на време, екслузивно во месец септември. Во оваа рубрика, Марија откри дел од своите секојдневни рутини и навики, но и што е тоа што ја прави среќна.
* Кои се Вашите рутини и навики?
Пред сѐ да се разбереме, рутина и навика е редовен појадок или заминување на работа во точно време. Самите поими асоцираат на обврска или потреба. Покрај вистинските рутини и навики кои се секако дел од моите животни обврски, имам сет на навики, кои не се обврски, не е тоа рутина, бидејќи рутината само по себе е автоматизам. Станува збор за ритуали, мали задоволства кои се дел од мојот живот, кои ме исполнуваат и ми даваат потврда дека јас Марија имам целосна контрола врз мојот внатрешен живот.
Посетувањето на теретана е нешто што го правам редовно, не рутински, туку во вид на ритуал во кој уживам. Тоа истото преминало во животна страст која ми создала посебен однос кон своето тело. Затегнатите мускули ми помагаат да ја чувствувам конекцијата помеѓу моето тело и мисли. Ми помага да се чувствувам витално и секси.
Грижата за мојата кожа, коса, нокти, мојот целокупен изглед, впечатокот кој го оставам, како пред клиентите, така и пред познаниците и непознатите, сето тоа е дел од мојот секојдневен ритуал.
Читањето книги, па макар и само неколку страници на ден е другиот аспект на ритуал со што ги задоволувам духовните апетити.
* Која е тајната на Вашиот младешки изглед?
Секој резултат е збир на многу околности. Не би ја занемарила генетиката од една страна, но секако ставот кон животот и кон себе лично има исто голема улога. Грижата за себе, за оние сегменти врз кои можам да делувам е максимална, како со јадење многу зеленчук и риба, СПФ заштитата од сонце во секое време, сенка, шапки, козметика, хидратација, масажа, време за себе... Сето тоа е дел од мојата грижа за својот изглед, а она што не е под моја контрола, нека оди по ѓаволите – не се замарам и не ме интересира. Тој став директно е исто поврзан со личното задоволство кое кореспондира со мојот изглед.
* Како се релаксирате, што Ве опушта и што Ве прави среќна?
Израснав во сиромашно семејство, со лимитирани ресурси, но со многу љубов и нагласок на изградување на себеси како нешто најважно во животот. Поминав и војна, бегалска криза, гладување, се образував во женски интернати по цела поранешна Југославија... животот секога бил на моја страна, благ и заштитнички поставен.
Научив да сум благодарна и да ги ценам малите работи кои даваат сигурност и спокој. Знам дека за оние кои не ме познаваат изгледам мегаломански, сето тоа е забава која ми недостасувала во моето детство. Во секој случај сум многу свесна за сите аспекти и среќна сум што успевам да балансирам помеѓу ситните и крупните работи кои ме прават среќна.
Совршеноста во вкусовите на гастрономијата или пак само едно парче на зрела лубеница, идеално балансирана голтка вино, задлабочување во средновековната уметност или археолошки откритија кои имаат потенција да ја променат историјата која ја познаваме, набљудување на свеската берза, прекрасна поезија или совршено дизајниран вечерен фустан од „Диор“, „Шанел“... Ох... немате доволно страници за да раскажам што ме прави среќна и задоволна.
* Кој е Вашиот рецепт за приватен и професионален успех?
Дали да бидат целосно искрена?
Сметам дека имам пронајдено некој совршен баланс помеѓу опсесивната посветеност (не важно дали на професионално или приватно поле) и раскалашената прокрастринација.
Не знам како ви изгледа оваа дефиниција на мојот можеби малку ексцентричен баланс, но ќе се обидам во една подолга реченица да ви го објаснам.
Откако ќе се исцрпам од целосната посветеност на одредена задача, проект или обврска, си дозволувам да одложам сѐ што на мојата листа е забележано со „итно“ и „важно“, пронаоѓам време за себе или за моите страсти (книга, следење на високата мода, учење на новитетите од светот на парфемите, Инстаграм). Овој баланс ми ја дава силата да се борам и да уживам во борбата за остварувањето на моите цели без да го компромитирам чувството на слобода и независност.
* Кој модел стил најдобро Ви прилега? Што носите најчесто?
Што најчесто носам? Секако дека парфем, обично и многу различни комбинации на парфем одеднаш. Тоа е мој израз, мој говор, мој печат. Независно дали е за некоја пригода, работа, дома, пред легнување или за појадок. Знам да направам таква комбинација со која ќе му ја покажам на светот целата моја расположеност во тој и за тој одреден момент.
Моден стил? Во модата и парфемите имам доволно одважност да пробам сѐ, но да го правам тоа со слични комбинации, детали. Тоа никако не е слепо следење на модата и трендовите, туку точно она што може да ја потенцира жената во мене. Секој детаљ е внимателно одбран и секој еден е во согласност со оној карактер кој сакам да го имам во тој момент.
Некогаш се чувствувам како деловна жена, понекогаш сум Татјана на Онегин:
„Но, без сомнение: Онегин
љубовната ја сети моќ:
во мисли љубовни тој сега
поминува и ден, и ноќ.
Без трошка страв од својта совест
под прозорец Татјанин снове
и, речиси, е секој ден.
Ко сенка тој ја гони, нем,
и среќен, чест што му падна,
— тој крзно и наметнува
и погледот засветнува
од допирот на рака ладна.
Ги враќа назад слугите,
и држи шал пред другите…“
Понекогаш го сакам романтичниот стил, но најчесто сум на работ помеѓу бизнис жена и гламур дива. Сѐ зависи од изгрејсонцето, што тоа ќе ми каже, како ќе ми се насмевне кога ќе се разбудам, па ќе ја одберам модната улога за тој ден.
Часовници и накит: Божиновски
модел: Марија Аслимоска
фото: Мартин ТрајановскиМоже да ве интересира:
Верица Коцева на кафе во „Бела“: Не можам да прифатам дека една жена во 21 век не може да најде барем еден час за себе во денотСлавица Попева на кафе во „Бела“: Се стремам кон природна убавина и многу ретко користам шминка
Ведрана Велинова на кафе во „Бела“: Одбирам парчиња што се убави на око, без разлика дали се удобни или пријатни за носење
Елена Пискачева Курт на кафе во „Бела“: За мојот изглед нема случајност или оправдување на моите гени
Елена Бубало Михајловска на кафе во „Бела“: Можеби стилот ми е едноставен, но е мој и само така се чувствувам комотно
Драгана Д. Чифлиганец на кафе во „Бела“: Ако сакате да имате убави усни, зборувајте љубезно и со почит