Македонски хитови одбиени од едни, отпеани од други пејачи
Песната „Чија си“ со која Тоше Проески победи на „Беовизија“ требало да ја отпее популарниот црногорски пејач Бојан Маровиќ. Авторката на рефренот кој стана хит во сите поранешни ју-републики, Леонтина Вукомановиќ, потврди дека легендарниот македонски пејач не бил нејзиниот прв избор, а ова го потврди и самиот Маровиќ.
- Прво бев збунет и малку потресен, но во еден момент си реков дека песната отиде кај тој кому му беше судена. Ми беше мило што ја доби - открива Маровиќ во книгата „Ова не е крај“, романизирана биографија за Тоше на Соња Алексоска Неделковска.
Постои уште една интересна ситуација за песна која првично била планирана за Проески, но на крај заврши во рацете на друг пејач. Станува збор за хитот „Расцветај“, една од најдобрите песни во кариерата на Ѓоко Танески. Темата која е авторско дело на хитмејкерот Весна Малинова била одбиена на конкурс од страна на Македонската телевизија кога во 2004 година се одбираа евровизиските рефрени за Тоше. Подоцна Танески ја отпеа на сцената во Штип и до денес е една од највртените макфестовски песни.
„Мојот свет“, песната со која Каролина Гочева во 2007 година ја претставуваше Македонија на „Евросонг“ во Хелсинки прво ја снимила нејзината колешка Елена Петреска, открива Григор Копров кој е автор на музиката на овој рефрен.
- Во нашата работа е природно ако една песна не е наменски пишувана, прво да ја сними еден, а на крај да заврши во рацете на друг изведувач. Така и првичната верзија на „Мојот свет“ прво ја отпеа Елена. Песната подоцна беше доработена, Каролина ја отпеа на „Евровизија“ и стана хит - објаснува Копров.
Пред неколку години,
реномираниот автор со медиумите сподели уште една интересна ситуација на оваа
тема кога изјави дека популарната „Самовилска свадба“ прво ја понудил на
менаџерите на Гочева. Таа соработка не се реализирала, па подоцна песната ја
сними Сашко Гигов-Гиш и стана морален победник на евровизискиот избор на кој
првото место му припадна на Владо Јаневски со „Не зори зоро“. Интересен момент
е што и оваа композиција беше дело на Копров.
Уште една популарна македонска пејачка со вакво искуство е Кристина Арнаудова и тоа за една од првите песни во нејзината кариера. Снимена е во деведесеттите и во тоа време беше доста популарна.
- „Знаеш кој е тој“ е песната која прво ја снимила Маја Гроздановска-Панчева. Не знам кои се причините што не ја објави, но подоцна јас ја слушнав, сфатив дека има потенцијал и навистина стана хит и с` уште публиката ја пее на моите настапи - откри Арнаудова.
Ѓ.С.