Мартина ја потврди причината зошто не е дел од „Дупер“

Добивај вести на Viber

Мартина Бараковска веќе не е член на групата „Дупер“, како што и самата вчера изјави за Женски магазин. Младата музичарка, денеска ни ја потврди приказната која ја дознавме од наши извори, зошто веќе не е дел од популарното трио.

До несогласување помеѓу Мартина, Борис и Илчо дошло откако таа сакала да замине на концертот на бендот „Фанк Шуи“ во МКЦ, а еден член од бендот бил против. Наводно, ѝ било кажано дека нема да е повеќе дел од бендот, иако одлучила да не оди на концертот. 

„ Точно е дека ми рекоа оти не треба да одам на концерт на еден бенд, не е важно за кој бенд се работи. Ние немавме никакви музички несогласувања, едноставно се измешаа другарските и професионалните односи“, ни рече Мартина и нагласи дека повеќе не сака да коментира на оваа тема.

Приказната ни ја потврди и сопственикот на „Авалон“ продукција Бобан Милошески, кој вчера на својот Фејсбук профил објави дека продуцентската куќа веќе нема да соработува со „Дупер“. И тој, исто како и Бараковска ни рече дека нема да открие за кој бенд станува збор. 

Мартина ни раскажа дека нејзините идни планови се врзани за патување низ Европа, како ангажман преку Младинскиот културен центар. Што се однесува до авторските права за четирите песни на „Дупер“ снимени како трио, Мартина вели дека се заеднички, но таа во иднина не би ги користела за свои евентуелни настапи.

М.Џаровска