Масимо Савиќ: Македонскиот фолклор е најубавиот на овие простори
Докажаниот хрватски музичар Масимо Савиќ на 14 и на 15 јули ќе одржи два ексклузивни концерта во Македонија. Еден од најреспектабилните вокали на Балканот ќе пее во античките театри во Охрид и во Битола, а настаните ги организира „Авалон продукција“.
Савиќ секогаш во суперлативи зборува за нашата земја, пред неколку години на покана од Гарабет Тавитјан и неговите синови ја препеа „Елено ќерко“, а соработуваше и со Калиопи.
- Да го познаваш македонскиот фолклор, традицијата, е прашање на општа култура. Македонија со својата географска позиција меѓу Мала Азија и Централен Балкан несомнено ја искористила шансата да создаде неверојатна музичка култура. Македонскиот фолклор е најубавиот на овие простори - изјави тој во една прилика.
Масимо е легенда на југословенската музика, уметник кој успеа да ја одржи кариерата и покрај тоа што многу работи на естрадата се променија.
- Работите се променија во цел свет, а не само во регионот. Живееме во време во кое многу поважна е површноста од искрените и длабоки уметнички емоции. Денес излегува дека е поважно дали сте имале секс пред камера или колку пати сте биле во веце додека дремете во некоја адаптирана куќа со рефлектори во која постојано ве снимаат. Колку еден човек вистински е добар во својата работа е нешто што последно се гледа. Кај нас границата помеѓу баналноста и сериозните квалитети полека се брише - раскажа пејачот во едно интервју.