Мора да се поминат лоши работи за да тргнеш по вистинскиот пат
ЗА КРЕАТИВНИОТ ИЗРАЗ НА ПОВЕЌЕ ПОЛИЊА
Влатко Илиевски е дипломиран актер. Беше долгогодишен водител на „Златно славејче“, домаќин на естрадниот магазин „Бекстејџ“, но и на уште неколку телевизиски проекти. Вокалист на рок-составот „Морал“,поп-рок пејач со завидна соло-кариера..
- Ги играм сите тие улоги, со тоа што во ниту една не се штедам. Без оглед дали глумам на сцената како актер нешто што го напишал некој друг, или во соло кариерата пеам песна што ја напишале други, или со „Морал“ изведувам чистокрвен рокенрол, секогаш давам максимум од себе. Музиката ја знам подобро отколку актерството. Таму сум на почетокот и ми треба уште многу да изработам и да научам, за да ја добијам сигурноста што ја чувствувам со микрофонот во раце - изјави пред шест години во интервју за порталот „Идивиди“.
ЗА НЕГАТИВНИТЕ КОМЕНТАРИ
Јавната професија е голем предизвик, но и притисок кој не секој може да го издржи. Многупати и Илиевски бил мета на „хејтерите“, особено во периодот кога ја претставуваше нашата земја на „Евросонг“.
- Што се однесува до коментарите, ме интересира само бројката. Кога видов дека ги има многу, бев среќен. Нека се и сите негативни, важно е дека ме следат и дека се занимаваат со мене. Само нека пишуваат и нека ми стават поголема слика - порача Илиевски.
ЗА СТУДЕНТСКИТЕ ДЕНОВИ
Во една прилика изјави дека ја памети секоја минута, секој поминат ден на факултетот за Драмски уметности.
- Навистина ми е криво што некогаш некои работи можеби можевме да ги направиме уште подобри и поголеми. Но, горд сум што бев дел од таа генерација и што направивме проекти кои сѐ уште се паметат. Бевме генерација која будно ги следеше сите случувања на актуелната театарска и филмска сцена. Но, бевме запознаени многу и со историјата на театарот посебно во последните 30-40 години во Македонија.Секако дека професорот Кирил Ристоски ни беше една права слика како треба да изгледа еден професионален актер. И мило ни е што бевме една генерација кога се дружеше со доајени како него. Ги споивме искуството и младоста - раскажа Илиевски за „Дневник“ во 2015 година.
ЗА ПОЧЕТОЦИТЕ СО „МОРАЛ“
Во тој период со групата „Морал“ сними песни со исклучително искрени текстови. Во едно интервју откри дека им ги цензурирале, дека не ги емитувале во етерот.
- Не знам, дали ме доживуваа како бунтовник. Но, сигурно не седев стуткан во последната клупа. Ако почнам да зборувам за сѐ што сум доживеал, половина нема да ми веруваат. А и подобро да не раскажувам, зашто тоа се искуства од кои навистина сум научил и убави и неубави лекции. Но, како и да е тие се мои и многу ми помогнале. Како што се вели, секое лошо за добро е. Мислам дека мора да се поминат и лоши и убави работи, но после сé тие треба да те направат свесен да тргнеш по вистинскиот пат - објасни Илиевски.
ЗА ХЕРОИТЕ
„Татко ми е мојот херој! Многу нешта направи за мене во изминативе години. Сите што биле сведоци на тоа ми велат „Да го чуваш Вршац, браво за него“. А, во професијата мои херои се сите успешни уметници кои постојат и фунционираат на сцената“
Ѓ.С.