На авторите не им бил секогаш прв избор: Како настанале хитовите на Тоше?
Во пресрет на концертното шоу во чест на Тоше Проески закажано на 2 ноември во Арената „Борис Трајковски“ на кое ќе настапат ѕвезди од целиот Балкан, одлучивме да ве потсетиме на неколку вистински приказни за настанувањето на неговите песни. Легендарниот македонски пејач не им бил секогаш прв избор на авторите.
Мирослав Рус, конечно ја разреши мистеријата како настанал овој хит. Иако фановите мислеа дека стиховите се наменски пишувани за легендарниот пејач и дека го опишуваат неговиот живот, вистината е дека оваа песна воопшто не била наменета за него.
- Тоа е песна што ја напишав пред да го запознаам Тоше. Една или две години пред да ја отпее тој, се сретнав со продуцентот Никша Братош и го замолив во име на нашата долгогодишна соработка бесплатно да ми направи аранжман на песна што не сакам да ја дадам на никого. Му реков дека сакам да ја отпеам сам, дури и да ја упропастам. Тоа беше нумерата „Игри без граници“. По некое време, додека заедно се возевме со автомобил, Тоше почна да пребарува по моите цедеа барајќи песни за кои слушнал дека не сакам да ги давам на други и првата што ја најде беше токму таа. Тоа беше крај. Рече дека тоа е песна за него и воопшто да не сонувам за тоа да ја отпее некој друг - раскажа Рус.
Кога стигнале во студиото, сите зборувале дека Проески е уште многу млад за таква песна, но кога ја отпеал сите биле воодушевени.
- Му реков дека ја изведува подобро отколку што јас ја напишав - откри авторот на темата.
Песната
„Чија си“ со која Тоше Проески победи на „Беовизија“ требало да ја отпее
популарниот црногорски пејач Бојан Маровиќ. Авторката на рефренот кој стана хит
во сите поранешни ју-републики, Леонтина Вукомановиќ, потврди дека
легендарниот македонски пејач не бил нејзиниот прв избор, а ова го потврди и самиот
Маровиќ.
- Прво бев збунет и малку потресен, но во еден момент си реков дека песната отиде кај тој кому му беше судена. Ми беше мило што ја доби - открива Маровиќ во книгата „Ова не е крај“, романизирана биографија за Тоше на Соња Алексоска Неделковска.
Постои уште една интересна ситуација за песна која овојпат првично била планирана за Проески, но на крај заврши во рацете на друг пејач. Станува збор за хитот „Расцветај“, една од најдобрите песни во кариерата на Ѓоко Танески. Темата која е авторско дело на хитмејкерот Весна Малинова била одбиена на конкурс од страна на Македонската телевизија кога во 2004 година се одбираа евровизиските рефрени за Тоше. Подоцна Танески ја отпеа на сцената во Штип и до денес е една од највртените макфестовски песни.