Наша репортажа: 8 нешта што мора да ги посетите во малото унгарско гратче Тихани на Балатон

Сладолед со лаванда, супа со лаванда, пиво од лаванда, колачи со ликер од круша, вкусни вина, се само дел од богатата гастро понуда на малото гратче Тихани на Балатон, каде се чини дека времето застанало.

Но да почнеме од почеток.

Езерото Балатон е базата на унгарската рурална убавина. Унгарска верзија на Прованса, но и за многумина омилен регион за посета. Најголемото езеро на средна Европа, место каде заоѓањето на сонцето отсликува златен мост на површината на водата.

Секоја сезона унгарското море (како што многумина го нарекуваат), го покажува и своето второ лице. Вулкански планини кои се издигнуваат високо над свилената вода, ливади прекриени со виногради по кои се распослани винските куќички и средоземното опкружување на котлината Кали, се сметаат за најубави региони во земјата.

Токму од овие причини, овој регион е избран како едно од топ 15 скриени богатства на земјата, вредни да се посетат.

На само неколку часови од Будимпешта, ќе стигнете до Балатон. Меѓутоа забавата во летниот период на плажата не е единственото нешто што овој регион го нуди.

Од јужниот брег до северниот, со времетраење од околу 8 минути, фери бродот ќе ве однесе до полуостровот Тихани, а потоа со автомобил стигнувате и до истоименото место.

Овој град кој се наоѓа на ридот над Балатон, е познат по Бенедиктинската опатија од 11 -ти век, со прекрасен поглед над езерото.

Тука ќе уживате во прекрасните пејсажи, карактеристичните унгарски варосани куќи, со традиционаните покриви од слама, како и неверојатните формации на природата.

Но, она што го прави посебно ова место се полињата со лаванда. Штом ќе го направите првиот чекор влегувајќи во местото, ќе ве привлече мирисот на лаванда и смиреноста која ја нуди овој крај, што го прави уникатен .

Може да ги пробате познатите производи од лаванда од регионот, како што се пиво од лаванда, лаванда од лимонада, сладолед од лаванда.

Тихани е најспектакуларното место на езерото Балатон. Полуостровот е длабоко издолжен во Балатон, нуди многу посебен поглед од секоја точка. Препознатливоста на ова место се заснова на неговите природни и историски знаменитости.

Смиреноста и тишината им нудат вистински азил на оние кои копнеат за рекреација. Традицијата е заштитена до денес, што се огледува во етно куќите со како што веќе напоменав, покривите од дебел слој на слама. Дел од нив се вистински музеи и чувари на традицијата, па неретко ќе сретнете изложени садови за храна со карактеристичните унгарски шари, наредени по оградите од куќите, кои може да ги купите како сувенири.

Голем дел од куќите се и ресторани во кои ќе уживате во традиционалниот унгарски гулаш и популарната Палинка. Понудата е разновидна и за оние што копнеат по рекреација и за пешачите и оние кои се заинтересирани за историјата и културата.

Но, пред да ве прошетам по најзначајните места во Тихани, ве водам малку наназад во историјата, да ве запознаам со создавањето на ова место.

Полуостровот Тихани езерото го дели на два дела.

Карактеристичниот поглед на медитеранскиот пејзаж беше формиран од вулкански ерупции пред милиони години. Остатоците од овие кратери формирале две мали езера, без излез, повисоки од нивото на водата на Балатон.

Како резултат на вулканска активност , термалните извори создадоа повеќе од сто гејзерски ридови на полуостровот. Оваа област стана првиот природен резерват на Унгарија во 1952 година. Археолошките наоди од областа покажуваат дека полуостровот бил населен уште од праисторијата. Луѓето од бронзеното, железното време и римскиот период, го сакале ова место. Римјаните го викале Балатон Лакус Пелсо.

Атракции и што да посетите

1. Музеј на лаванда и продавницата во која ќе пронајдете различни производи од лаванда.

2. Црквата-Бенедиктинска Опатија

Античкото село Тихани е основано во средниот век кога кралот Андреј Први во 1055 г.направил гробница за кралското семејство и изградил манастир, каде што биле населени Бенедиктинските монаси. Опатијата на Тихани беше овластена во 13-тиот век да издава службени дела. Токму овде се наоѓа првиот постоечки запис за Унгарија. Во 16-17-тиот век, манастирот кој веќе бил претворен во тврдина, бил срушен, за повторно да биде изграден во барокен стил во 18ти век, па станува главен симбол на Тихани. Ова место е скапоцен камен не само на Балатон, туку и на Унгарија. Од деведесеттите години, голем број туристи, Унгарци и странци, го посетуваат местото. Сегашниот изглед на црквата бил завршен во 1754 година.

Совет плус: Присуствувајте на концертите изведени на оргули.

3.Прошетка по шеталиштето

Патеката помеѓу ридот Ехо и црквата е именувана по Каштелан Иштван Писки, а од неа се пружа прекрасен поглед кон Балатон.

4. Местото Ехо

На ова место се наоѓа ресторан, а записите за истото датираат од 19- ти век, во кои се говори дека зборовите извикани од ридот Ехо се враќаат од северниот ѕид на црковната зграда. За местото се пишува во првата-водич книга за Балатон, од 1848.

5.Фестивал посветен на лавандата

Обично се одржува помеѓу крајот на јуни и почетокот на јули. Ги поврзува традииците, народните уметности, се одржуваат претстави за занаетите кои биле застапени на ова место, а прошетката по полињата полни со лаванда се дел од фестивалот.

Совет плус: Доколку имате желба можете да учествувате на жетвата на лавандата.

6. Посета на музејот на чоколадо

7. Ресторан и кафе бар Apatsagi Rege

Освежете се после прошетката во Тихани со највкусните колачи и торти. Десертите овде се направени со ликер од круша, сладоледот со ликер од лаванда. Покрај тоа на големата тераса ќе уживате во феноменалниот поглед врз целото пристаниште на Балатон.

8. Доколку времето ви дозволува посетете некој од винските ресторани кои се наоѓаат на средина од виноградите. Можете да ја посетите винаријата во регионот на вино Balatonfüred-Csopak. Секоја винарија има одлична локација и поглед. Мој избор беше ресторанот Ст. Донат, каде уживав во специјалитетите како супа со малини, супа со лаванда и слично.

Два векови старата римска вино култура, во овие краеви се одржува во живот, па посетителите можат да изберат помеѓу вината од 4 историски вински региони. Тихани е под заштита на националниот парк Балатон. Убавината на природата, карактеристичната гастрономија, вкусните вина, шармот на селата и историското и архитектонското наследство на регионот, се одлични причини да се посети ова место.

Неда Маретиќ