Наша репортажа: Санторини - Најромантичното место за посета (I дел)

Од тесните улички на Миконос до убавите плажи на Санторини, островите во Грција се омилена дестинација на туристите од целиот свет.

Тој е тн.супермодел на грчките острови, чие „лице“ е веднаш препознатливо ширум светот: карактеристичните карпи се издигнуваат од морската убавица, декорирани со бели градби.

Со својата репутација за блескави панорами, романтични зајдисонца и плажи со вулканско потекло, не е изненадувачки што различните места на островот се наоѓаат на толку многу списоци на патниците за посета.

Oвојпат и јас одлучив да го посетам овој остров. 

Патување со фери брод и посета на Парос, Наксос и Иос

Една од најубавите тури од Пиреа до Санторини, доколку сакате да уживате во прекрасните пејсажи на грчките острови , е онаа со фери бродот Blue star.

Иако трае скоро 8 часови, овој фери брод нуди бројни содржини како неколку ресторани, продавници, неколку класи на патувачки комодитет како економска, бизнис, кабини и сл, а можете да прошетате и на палубите и да уживате во прекрасното пловење.

Исто така она што е важно да се напомене дека еден од катовите на фери бродот е пет френдли односно дозволено е вашите миленици да патуваат со вас.

Кон Санторини застануваме на неколку пристаништа: Парос, Наксос и Иос.

Парос и Наксос се едни од омилените острови кои туристите ги бираат за своите посети и годишни одмори.

Ги карактеризираат бели куќи со сини покриви, бели цркви со сини куполи, плажите, но и руралните места кои го прикажуваат начинот на живот на старите Грци.

Парос е првото пристаниште кон Санторини, препознатливо по плажите и традиционалните села.

Исто така е дом на византиската црква од 4-ти век од нашата ера.

Наксос е вториот по големина остров од кикладите(Парос  е третиот).

Карактеристичен е по неколкуте историски храмови, како и големата камена порта .

После Парос и Наксос патувањето продолжува кон Иос, еден од најубавите грчки острови според Гардијан.

Остров со високи калдери, 18 км долг и 10 широк.

Препознатлив по целодневните летни забави, но и неколку фестивали меѓу кои и оној кој се одржува во мај, а е посветен на Хомер.

Пристигнувањето кон Санторини со „ЈК Травел“ е неверојатно кога се следи од фери брод, кога ве пречекуваат високите вулкански ѕидови и самиот вулкански остров.

Санторини (или познат и како Тира), е препознатлив во целиот свет по неверојатните пејсажи, но и по уникатната архитектура на местата наредени како коцки по карпестите предели.


Ија - Најфотографираното место на светот

Првото место што ќе го забележите пристигнувајќи со брод до Санторини се белите градби на врвот на островот, градбите дел од Фира и Ија.

Малото место Ија е можеби најпрепознатливото место на Санторини, каде што се направени дел од најубавите фотографии на овој остров.

Се наоѓа на северозападната страна на калдерата, на висина од 70 до 100 метри над морското ниво. Најубавите ресторани и кафе барови од каде што има незаборавен поглед кој не се споредува со ниту едно друго место на светот, се изградени во вдлабнатините од вулканската карпа, на страната од морето. Овие места се малку поскапи, но ви препорачуваме да поминете барем половина час, пиејќи вкусно кафе уживајќи во егејското пространство пред вас.

Ија се наоѓа на 11 км од Фира, глвниот град на Санторини, а од самиот врв се пружа прекрасен поглед кон вулканот Неа Камени и Палија, како и кон островот Терасија.


Што да посетите

Почитувајте ја Ија

На самиот влез на Ија ве пречекува натпис: Respect, its your holiday...but ist our home. We welcome you, respect Oia, односно-Имајте почит, посетата овде е ваш одмор, но ова е наш дом. Добредојдовте, почитувајте ја Ија.

Црквите со сини куполи

Ија е препознатливо место и по многубројните цркви, па токму една од нив се наоѓа на самиот плоштад, црквата на Панагија.

Карактеристично за овдешните цркви се нивните сини куполи.

Прошетајте низ тесните улички

Ова е традиционално место со шармантни карактеристични куќи, тесни улички, сончеви тераси за уживање во грчките специјалитети и дневната доза на кафе.

За љубителите на пишаниот збор

Уште едно интересно место е книжарницата Атлантис со сите видови на книги од целиот свет.

Не си заминувајте без сувенири

Долж тесните улички ќе пронајдете бројни продавници за сувенири, кафе барови и ресторани, уметнички галерии.

Исто така, има многу продавници кои продаваат необични слики и цртежи од островот, што го прават совршен сувенирот кој ќе им го подарите на вашите пријатели .

По многуте скали кои водат до плажите и морето, се наоѓаат бројни апартмани за изнајмување со сопствени базени и џакузи, кои гледаат кон морската шир.


Магичните зајдисонца во Ија

Дочекајте го залезот на сонцето

Една од најважните карактеристики на Ија се нејзините прекрасни зајдисонца, гледањето на небото над морето кое ги менува боите од прекрасна светло сина до нежна розова нијанса, е навистина незаборавно и несомнено ќе биде еден од вашите најубави спомени од вашето патување.

Овде илјадници турсти од целиот свет секојдневно го дочекуваат залезот на сонцето со аплауз.

Ако имате време да посетите само едно место на Санторини, наша препорака е токму Ија.

Ова е местото за кое сте сонувале многу години, гледајќи ги разгледниците и фотографиите од прекрасните бели куќи, бели цркви со сини куполи, фантастични пејсажи.

Па не е ни чудо што токму ова место е изборот на многу парови кои ги разменуваат своите брачни завети, а и место за фотосесиите пред венчавките.

Ова е совршено место за посета во текот на летото, бидејќи нуди прекрасни сончеви денови, па дури и повеќе прекрасни зајдисонца, плажи кои одземаат здив , но и посетата во есен или на пролет е исто така одличен избор.

Ија  е идеална дестинација за бегство независно дали за романтичен одмор или семеен.

Не се негира уникатноста на оваа дестинација или нејзината голема привлечност – имено Санторини годишно е посетен од 1,5 милиони туристи.

Неда Маретиќ