Не ја вади од памет: Нова девојка во животот на Лозано
На само еден ден пред неговиот голем концерт закажан на 2-ри август на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, поп-ѕвездата Лозано ја објави новата песна. „Не те вадам од памет“ е авторско дело на тандемот Лазар Цветковски и Магдалена Цветковска.
За новата песна, Лозано сними и видеозапис на кој како режисер се потпишува Даниел Јовески. Спотот е снимен на неколку локации во земјава, а покрај Лозано во него главната улога ја има Мартина Михајловска, позната манекенка и поранешна водителка.
- Ова е нешто ново и можеби поразлично од мене досега. Убеден сум дека ќе и се допадне на публиката и со нетрпение чекам да ја испеам на концертот на стадионот „Билјанини извори“ - вели Лозано.
Инаку организаторите на концертот, „Прагма Продукција“ најавуваат вистински музички спектакл, а Лозано ќе биде запишан како првиот домашен изведувач кој ќе настапи на охридскиот стадион на најголемиот македонски празник - Илинден!
Вратите на стадионот се отвараат во 19 часот, а пред Лозано на големата бина со свои настапи ќе се претстават неговите помлади колешки, Антониа Гиговска и Лина Пејовска.
Влезници се' уште може да купите преку продажната мрежа на kupikartizase.mk, на плоштадот во Охрид, како и на вратите на стадионот "Билјанини извори".