Не се откажуваме од корените: Приказна за трите храбри коњанички од Илинденскиот марш

Добивај вести на Viber

Три храбри дами и оваа година ќе бидат дел од коњаниците на традиционалниот Илинденскиот марш за Крушево. Драгана Каловска, Елена Мишева и Maрија Стамболиска тргнаа од скопско Лисиче на 26 јули, а во Крушево приситгигнуваа вчера.

Драгана учествува трета година по ред, Елена Мишева втора година, а за прв пат ќе им се приклучи и 17 годишната Maрија Стамболиска. Пред да тргнат на пат, тие имаа подготовки за кои раскажаа во приказна за „Фактор“.

Драгана и Елена учествуваа на маршот и лани, а годинава им се придружи уште една девојка 

„Оваа година подготовките полесно поминаа затоа што веќе се имам навикнато. Подготовкиве траат две недели, што значи тренинзи секој ден за јавачите, а за организацијата многу подолго. Има повеќе јавачи коишто оваа година ќе јаваат за прв пат меѓу кои и 17 годишната Марија Стамболиска, така што оваа година сме три девојки, јас, Елена Мишева која што ќе јава втор пат и Марија по прв пат. Како најискусна должна сум да им помагам на девојките, досега сè помина во најдобар ред, мило ми е што ,,пуштив нога" за женската екипа“, вели Каловска.

Дваесетина коњаници од четата од Горно Лисиче, Мавровската чета која што тргна во понеделникот од Врбен со десетина коњаници, се споија во Кичево со Кичевската коњаница. 

„Коњаницата е еден симболичен приказ и наше оддавање почит спрема сите војводи и комити знајни и незнајни кои го дале животот за нашата земја“, изјавија за Женски магазин Драгана и Елена. 

За време на нивното патување лани, спиеле во вреќи, на отворено, но поради невремето и силниот дожд морале да се засолнат на неколку локации. Без оглед на тешките услови, двете дами ниту еден момент не помислиле да се откажат од замислената цел.

„ Во ниту една ситуација не помисливме да се откажеме, и покрај сите физички потешкотии мотивацијата ни беше голема. Би сакале и следната година да учествуваме, па по можност да се зголеми и учеството на девојки“, раскажаа Драгана и Елена.

И двете имаат искуство во јавање коњи уште од деца, не професионално, туку  рекреативно. „ Во принцип, не е тешко да се научи да се јава за коњаничкиот марш, но многу голема предност е што имаме некакво искуство“, додадоа девојките. 

За прославата на Илинден тие ќе бидат во Крушево. Секоја година граѓаните на Крушево излегуваат за да ги пречекаат коњаниците. Оваа година се организира 41. по ред Илинденски марш.