Не се разведов со горчина: Искрено интeрвју со Викторија Јаначковиќ

Добивај вести на Viber

Таа беше една од нашите најпознати манекенки, и прва придружничка на изборот за Мис на Македонија во 1999 година. Ниту една ревија и модна кампања не поминуваше без Викторија Јаначковиќ која привлекиваше внимание каде и да се појави. Така беше и неодамна кога поранешната манекенка, шеф на кабинет на еден од министрите за култура и стоматолог се појави на една забава во Скопје. За својата манекенска кариера, за тоа зошто не ѝ успеа бракот и како ја напушти Англијак, Викторија отворено зборува во интервјуто за Женски магазин. 

* По подолго време, се појави на доделувањето на наградите на магазинот „Стори“. Се повлече ли сосема од модната сцена, што работиш сега?

- Никогаш не ми се допаѓале личности од било која сфера на јавниот живот кои искачаат од секаде, секаде ги има и тоа трае во континуитет. Досадни се. Работев во светот на модата и секогаш имав што да кажам. Но не гледам причина да бидам нон- стоп некаде колку да се каже дека сум некаде. Сега работам во фармацевтска компанија и секако во доменот на мојата голема љубов, стоматологијата.

* Какви сеќавања имаш од Мис на Македонија во 1999 година, а како гледаш на денешните избори за убавина?

- Хахаха. Имајќи во предвид дека само еднаш се појавив на изборот за Мис на Македонија, и заминав со титула, за тој период и воопшто периодот кога активно работев имам само добри спомени и искуства. Многу пати потенцирав дека снавистина не е ми е животна мисија модата во странство, бидејќи секогаш ме интересирала повеќе интелектулана работа и едукација. Е сега, тоа што бев две во едно, има врска со мојата генетика и со Бога. Јас не знам веќе колку избори има воденешно време? Мис на што нема? Тој тренд на квантитет и општа безличност и не оставање на трага не ми се допаѓа.

* Работеше и како шефица на кабинетот на поранешниот заменик министер за култура, Драган Недељковиќ, какво искуство носиш од тој ангажман?

- Се сеќавам дека многу луѓе скокнаа зошто стоматолог во Министерство за култура. Тоа ги буни, без да го погледнат моето CV. Никогаш не бев само стоматолог. Магистерирав во областа на дипломатијата, воена. Работев 9 години како шеф на кабинет, и мислам дека моето долгогодишно траење во Министерство за култура кажува  сѐ. Своеволно заминав, зошто исто така повеќе немав што да направам. Ми беше изџвакана приказна. Но, имав предобро искуство кое ми помогна понатака.

* Дали повторно би се обидела во политиката?

- А , се обидов? Некако не се доживеав како политички ривал некому или некој кој има право да менува нешто. Како шеф на кабинет работиш по протоколи пред тебе поставени и не ги менуваш. Да, би работела, може, само како Министерка на жени.

* Пред три години се омажи и се пресели во Англија. Зошто не успеа вашиот брак, што се случи?

- Никогаш не сум била контраверзна во своите врски па така ни во таа. Тоа ме разликува, речиси од сите. Мојот брак се распадна исклучиво поради непремостиви разлики во карактерот, социјален статус, фамилијарна позадина, на што треба многу многу да се внимава. Приказни од типот, „ма само сакајте се вие и ништо друго не е битно”, се некои „Џурасик парк- фори“, кои не постојат. За брак треба сѐ.  И компромис, и исти гледишта и не претопување еден со друг и многу, многу работи кои ги немав со партнерот. Треба да има два идентитета кои растат и одат во ист правец. Од бракот не излегов полна со горчина, туку дувнав прашина од рамото и тргнав понатаму. Во секој случај, не така лошо искуство.

* Имаше ли дилема, откако се разделивте, да останеш во Англија или да се вратиш дома?

-Ниту во еден момент, ни пред ни по бракот не сум сонувала за странство. Никогаш не сум имала потреба да заминам од тука. Мојот начин на живот и заработка апсолутно ги задоволуваат моите соништа. Приказни од типот: јахти, авиони, камиони , хотели од 20.000 долари и докторски статус, се сепак за некого кој никогаш не можел. Јас можев, но не сакав да останам во Англија. Органски не го поднесував нивниот систем на живеење, размислување, и 12 часовно работење во еден здив. Не гледав потреба да останам. Јас, ја сакам Македонија, мирот и нормалнио живот. Сѐ друго е веќе дежаву. 

* Дали си сега во врска?

- Дознајте. 

* Кои ти се најдрагите спомени од кариерата како модел, што е она што би те натерало повторно да се вратиш во тој свет?

- Никави кам- бекови од тој тип не ме интересираат. Зошто би се враќала во светот на модата на 38 години? Тука сум јас секогаш. Оставам тоа на помладите, иако... Направив доволно на овие простори, за да успеам себе си да се брендирам. Ми недостасуваат девојките со кои се дружевме, работевме, заедно патувавме, смрзнувавме, плачевме и се смеевме. Е, тие драги луѓе ми фалат.

*  Има ли негативни, сеирџиски коментари кои се кажани на твоја сметка, си ги слушнала и те погодиле и како им одговараш на таквите ?

- Викторија или ја сакаш или не. Никој нема да ти каже за мене “слатка е, мила е”. Слатко е просечно. И досадно. Веројатно дека ги има негативните коментари. И треба да ги има. Само ги немам слушнато. А сѐ што е позади грб, останува таму. Никогаш ама баш никогаш не ме интересирало што мислат другите.

* Што те прави среќна и што друго те исполнува приватно?

- Зависи што подразбираш под среќа. За мене е тоа позитивна вибрација, насмевка, моите драги луѓе да будат добро. Без вежбање не можам. Патувам често и тоа ќе го правам сѐ додека ќе можам.

Милица Џаровска