Не смеете новинарството да го сведете на тезга на пазар: Замина омилениот професор Томе Груевски

По кусо и тешко боледување, синоќа во Скопје почина професорот Томе Груевски. Човекот кој имаше значаен удел во едукацијата на повеќе генерации новинари, беше универзитетски професор по комуникологија, новинарство и односи со јавноста, прв доктор по комуникологија во Република Македонија и основоположник на студиите по односи со јавноста во Македонија.

Автор е на триесетина учебници, научни трудови и студии од областа на историјата, теоријата на новинарството, комуникологијата и односите со јавноста, како и повеќе публицистички и новинарски трудови. Груевски беше член на повеќе професионални и невладини организации и асоцијации, но и носител на бројни награди и признанија.

Неговите поранешни студенти му посветуваат статуси на социјалните мрежи.

„Повеќе од професор, повеќе од пријател, повеќе од човек! Почивајте во мир! Бескрајно ме натажи Вашето заминување!“, напиша на „Фејсбук“ новинарката Катерина Топалова.

И неговиот поранешен студент Филип Даскаловски со емотивна објава се прости од него. „Тоци легенда! Повеќе од професор, повеќе од пријател, повеќе од другар. Почивај во мир професоре. Бескрајно ти благодариме за се’ што направи за нас, твоите студенти. Вечен спомен!“, напиша тој.

„Не смеете да дозволите новинарството да го сведете на тезга на пазар“, велеше омилениот професор на студиите по новинарство. „Не дозволувајте падови, барајте ја светлината во темнината, тогаш ќе ја декодирате закоравената порака која тие не сакаат да ја слушнат. Научете да бидете издржливи“, се неговите зборови кои ќе останат врежани, а на кои денеска потсети и неговиот поранешен студент, новинарот Сунаи Сабриоски.