Неплодните му се молат, болните оздравуваат, децата се даруваат: Го славиме големиот Свети Никола Чудотворец
Македонската црква и нејзините верници денес го празнуваат големиот христијански празник Свети Никола Чудотворец, светецот заштитник на децата, морепловците, девојките, сиромашните, учениците, пекарите, аптекарите, трговците, патниците...
Свети Никола е еден од најпочитуваните светци, a го слават и православните и католиците, но и дел од муслиманите, особено во Турција.
Во Македонија и во светот има безброј цркви, манастири, икони и фрески, кои се посветени на овој светец. Многу македонски семејства вечер со богата посна трпеза на која преовладуваат рибата и посните сарми ќе го прослават празникот. Свети Никола е еден од најсаканите христијански светци.
Овој светец имал многу возбудлива животна приказна, која со векови ги фасцинира христијаните. Роден во малоазискиот град Патара, пристаниште на медитеранскиот брег на денешна Турција, свети Никола живеел во 4 век, многу пред расколот помеѓу православната и католичката црква од 1054 година.
Свети Никола умрел на 19 декември 343 година. Погребан е во соборната црква Мирликијска митрополија, а кон крајот на 11 век неговите мошти се пренесени во Бари, во манастирот Свети Јован Претеча.
Во народното паметење овој лик останал како заштитник на патниците, посебно на оние што патуваат по вода, но и по тоа што како за време на животот така и по смртта ги помагал сиромашните, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода.
Свети Николај Чудотворец се смета за заштитник на морињата. На христијанските бродови обично се наоѓа иконата на светителот, а спроти денот на славењето бродовите застануваат каде и да се наоѓаат, се фрла сидрото во морето, морнарите ќе се помолат и ќе прославуваат цел ден, а утредента ќе го продолжат пловењето. На иконите Свети Никола се претставува со својата архиерејска одежда.
Именден празнуваат: Никола, Нино, Николина, Коле...
Во животот на нашиот човек посебно значајно место има свети Никола Мирликиски - Чудотворец, кого многу семејства го сметаат за свој домашен заштитник и со домашни служби и со многу обичаи го празнуваат неговиот спомен. Иако повеќе се празнува денот на неговото упокојување 19/6 декември (празник познат како зимски Св. Никола или Св. Никола - зимен), сепак внимание му се посветува и на денот на пренесувањето на моштите на свети Никола од Мир (во Ликија) во Бари (Италија) на 22/9 мај (празник меѓу народот познат како летен Св. Никола).
Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3). Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји. Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји. Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.
Извор: денови.мк
Фото: денови/фреепик