Нина Деан: Три години не сум ја видела мајка ми, коронавирусот ја спречи да дојде од Еквадор

Добивај вести на Viber

Нивната љубовна приказна започнала уште во средно училиште, а се обновила пред повеќе од една година. Актерката Нина Деан минатата недела се сврши со Мартин Ивановски. Таа е во осмиот месец од бременоста и чека машко дете, кое по желба на двајцата ќе се вика Каи.

„Каи значи повеќе нешта на повеќе јазици. На хавајски значи океан, на кинески има повеќе значења, а најмногу означува победа, на турски значи силен. Универзално име е, во некои земји е и женско“, ни изјави актерката од МНТ и се наврати на љубовната приказна со идниот сопруг.

„Мартин е мојата прва посериозна љубов од средно училиште, и двајцата учевме во гимназијата „Никола Карев“. Откако раскинавме, се немавме видео 13 или 14 години, како да не сме живееле во ист град. Потоа сосема случајно се сретнавме, преку еден другар, во еден кафе-бар. Од тогаш помина повеќе од една година и ние не се разделивме“, ни раскажа Нина. Таа вели дека Мартин ја побарал за жена во домашен амбиент.

„Во време кога владее коронавирусот, не можевме никаде да излеземе и да прославиме. Но, беше многу убаво. Мартин ме изненади, ме побара на традиционален начин. Жал ми е што моето семејство не е тука заедно да се израдуваме“, вели Нина за својата мајка, корегорафката Гордана Деан Поп-Христова, која заедно со сопругот, актерот Кирил Поп- Христов живее во Еквадор. Таму со нив е и помалата сестра на Нина, Јоана, која се омажи за Родгигез Хосе Луиз од Еквадор и пред девет месеци го добија синот Аниш Круз Родригез Деан.

„ Уште не сум го видела внучето во живо, и едвај чекам, откако сето ова ќе се среди. Со сестра ми, со мајка ми со Кили постојано сум на видео повици и така си го гледам внучето. Многу е сладок“, раскажува Нина и вели дека според приказните на мајка ѝ, во Еквадор состојбата е многу пострашна и позатегната.

„ Мајка ми не сум ја видела повеќе од три години, ниту Кили и сестра ми, јас бев таму пред три лета. Вирусот ни ги расипа сите планови. Таа требаше да дојде овде на 20 април и да ми помага околу грижата за бебето. Но, тешко дека тоа ќе случи, и тешко ми паѓа, но ќе мора да почекаме. Ми раскажуваше дека пред некој ден, отишла на плажа со пријателките и полицијата ги спречила, ги вратиле дома. И таму има полицисики час и затворен е меѓуградскиот автобуски превоз. Мајка ми инаку држи часови по танц, и сега не може да оди на работа затоа што студиото е во друг град, нема како да стаса до таму. Мило ми е што моето семејство таму е добро, иако сум далеку од нив“, раскажа Нина.

Таа вели дека во периодот на изолација, дома не ѝ е здодевно, и се труди позитивно да мисли.

„Гледам да не се плашам, стравот носи неубави работи. На ова седење дома, гледам од убавата страна. Нема загадување, луѓето повеќе внимаваат на хигиената, некако станавме посолидарни и сето ова може да нè зближи. Пред некој ден од тераса гледав како го чистеа цел Капиштец. Дома сум цело време и внимавам на себе. Вести не гледам, и не палам телевизор. Цртам, си бојам, пишувам дневник и секој ден пишувам по десет позитивни работи. Се слушам со другарките, се слушам и се гледам со мајка ми и така ми поминува денот“, вели Нина.

За крај, таа додава дека ја поддржува иницијативана на нејзиниот матичен театар кој им овозможува на гледачите да гледаат онлајн претстави. За Нина, која сите претстави во МНТ ги има гледано во живо, ова е супер идеја. „Кец на десетка“, „Силјан штркот“ и „Животот на Молиер“ се последнитњ во кои има играно, како и во серијата „Преспав“, а се надева дека по породилното отсуство но и пред тоа, ширењето на коронавирусот  ќе престане , а таа и сите ние ќе им се вратиме на тековните активности.

Милица Џаровска