Од некои љубови
Од некои љубови повторно се раѓаш
Како за првпат воздух да земаш
Како срцето да ти заигрува
А душата ти пее на сиот глас
Та ти се чини дека светот е твој
Дека нема пат кој не можеш да го изодиш
Ниту река која не ќе ја препливаш
Од некои љубови после долго време заживуваш
Како од сон да се будиш
Како да прогледуваш и заушуваш
А спокојот најверна друшка ти станува
Та ти се чини оти сила во тебе игра
Дека сите болки како од ветар однесени се
Како никојпат да не те болело телото
Од некои љубови учиш како треба
Од некои и како не треба
Небаре повторно во училишна клупа си
И знаеш што можеш да искрепиш
Или што не сакаш повторно да врвиш
И мудар си, тивок и кроток
Оти војна со себе не водиш
Од некои љубови се умира
Внатре, однатре човек скапува
Како да му гние во градите
И тапо чувство на пораз и горчина има
Синкир ако само еден касај земе
Или се напие голтка вино
Во грлото топка јад ќе му се заглави
Од некои љубови се раѓаш
Од некои заживуваш
Од некои учиш
И од некои умираш
И секој од нас барем еднаш од љубов се родил
И еднаш од неа заживеал
Та еднаш и поднаучил нешто за себе
И еднаш умрел во себе
Во секој од нас има љубов
Од која друг ќе се роди
Живот ќе заживее
Нешто ќе научи
И еднаш ќе умре
Секој од нас некому живот
А некому смрт во душата донел.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска