ОСЛАБЕВ 60 КИЛОГРАМИ И УШТЕ СУМ НА ХРОНО: Емотивна приказна на Сања Маркоска
„ Дојдов до ситуација каде што земањето воздух ми стана луксуз, а движењето сметка од милион долари, како да треба да платам за да можам да изодам километар или два. Наеднаш се почувствував како да немам ни едно пени во себе, празно и истрошено. Ги одбивав сите повици од пријателите, не сакав да излегувам зошто секое место на кое требаше да стигнам, ми се чинеше илјадници километри далеку, јас не можев да одам. Седнав и се изнаплакав, се испцув. Го кренав дебелиот задник за да си ја средам психата“, откри Сања во искреното интервју
Скопјанката Сања Маркоска, (34) е доказ дека ако се има силна волја, и невозможното во животот станува возможно. Со помош на популарниот хроно режим на исхрана, таа успеа за две години да ослабе дури 60 килограми. Во емотивната приказна, Сања искрено раскажува за својот несреќен живот пред да ја открие хроно диетата, и за клучниот момент кога решила дека е време за нов живот, откако близок пријател ја посрамотил за нејзиниот лош однос кон себе си.
Во првата година, Сања ослабела 55 килограми и пет години во втората година
* Кога за прв пат дознавте за хроно исхраната, и колку време ви требаше да се решите да започнете со овој начин на исхрана?
- За хроно за прв пат дознав пред околу три ипол години. Одјеќи по лекари, мислејќи дека нешто ми се случува, испитувајќи го секој дел од моето тело по 100 пати, пробувајќи да изнајдам причини зошто се доведов во оваа состојба, наидов на пријател кој конечно собра храброст да ме посрамоти за сиот мој однос врз себе, кажувајќи ми дека сум совршено здрава и дека сѐ што треба да направам, е да го почнам хроно режимот. Ми објасни подетално за што станува збор, но иако ја сослушав внимателно и ми се допадна тоа што ми го кажа, јас повторно одбрав да си го терам стариот начин на исхрана, сѐ до еден момент..
Не паметам од кога немав видено шестка на вагата пред кецот, седмицата и деветката, сега е шестка.- Сања пред диетата и денес
* Кој ви беше главниот мотив?
- Всушност, тоа беше и главниот мотив кој беше пресуден да проучам подетално за што точно станува збор во Хроно исхраната. Имено дојдов до ситуација каде што земањето воздух ми стана луксуз, а движењето сметка од милион долари. Да, токму така се чувствував, дека треба да платам милион долари за да можам да изодам километар или два, а бев дете кое има бесценето богатство на штедната книшка од животот што секојдневно го троши газејќи ги улиците.Е тоа беше прескапо дури и за мене и за мојот дух. Наеднаш се почувствував како да немам ниту едно пени во себе, празно и истрошено, без да се препознавам. Траеше неколку дена, си дозволив да ги пројдам сите годишни времиња во себе, се обвинував, се лутев, си штетев и одново истото секој ден. Ги одбивав сите повици од пријателите, не сакав да излегувам зошто секое место на кое требаше да стигнам, ми се чинеше илјадници километри далеку, јас не можев да одам, а бев свесна што пропуштам. Седнав и се изнаплакав, се испцув (не сакате да знаете што се си реков на себе си). Го кренав дебелиот задник за да си ја средам психата, едноставно тоа не бев јас, а си требав, очајно си требав!!!
* Ви беше ли тежок почетокот, и кој најмногу ви помогна ?
- Почнав да проучувам, односно се водев од она што ми го кажа мојата драга пријателка Лидија и си дадов полустарт. Таа ми кажа дека има и група на фејсбук во која би било убаво да членувам, зошто имало совршена поддршка и разбирање таму, а тоа беше токму она што мене ми требаше тој период. Го отворив компјутерот и разлистав, наидов на групата за Хроно исхрана, побарав пријателство, добив одобрување и така започна целата моја хроно приказна. Наидов на куп среќни луѓе!!! Не им беше важно низ што минувале, важно им беше како се чувствуваат во моментот и каде се довеле себеси благодарение на таа исхрана и на таа група. Ги гледав тие луѓе и им се восхитував. Начинот на кој го пренесуваа задоволството од овој благодетски режим беше зачудувачки, како магија опиваше и како магнет привлекуваше. Да, тоа е нешто кое само треба да го почувствувате, нема зборови за него. Но имам зборови за едно, за личноста без која немаше ниту еден од нас да го почувствува она што можеби секогаш го барал. Девојката без која ниту групава ќе постоеше, ниту ние ќе ја имавме поддршката, ниту ќе имавме кој да не насочува, морам да напоменам, бесплатно во овој митаџиски свет, ниту пак ќе бевме едно како што сме, во најсреќната и најхармоничната група на сите социјални мрежи, во која нема препукување, нема негативна енергија, нема зло и расипаност (кога го има, е кратко и веднаш е елиминирано), туку има многу љубов, позитивна енергија и чувство на задоволство и среќа! Ништо од ова немаше да постои и да биде ако не беше Воилета Златкова! Верувајте ми, со овации би го презентирала ова да е пред публика! Со аплауз би ја поздравила за сета посветеност, неуморност, трпение и советување, и безрезервно би и заблагодарила за сето што го има сторено за мене и што се‘ уште го прави! Неповторлива е! Денес, за мене, многу важен човек во мојот живот, пријател кој Господ ми го подаде кога најмногу ми требаше, раката која не дозволи ниту еднаш да паднам во целиот период на сите годишни времиња во мојата душа. За тоа човек се врзува. Толку силно што сака сите корени таму да ги пушти, за кога ќе се роди плодот, сите заедно да му се радуваме. Накратко, ниту еден мотив не беше доволно силен, како што беше поддршката од основачот на групата, Виолета Златкова. Се‘ што сум денес, се‘ што имам постигнато со овој режим, е несомнено нејзина заслуга. Сите мои паѓања, сите мои кризи, сите мои детски каприци, сите мои испади на нервоза и речиси потклекнување, ги држеше таа! Точно со еден збор знаеше и се‘ уште знае како да ми ја исправи главата кога ќе ме потопи дождот, за тоа цел живот ќе сум и должна и благодарна, особено затоа што знам колку тежок човек сум, а нејзиното трпение и нерви, испаднаа дека се потешки и поиздржливи и од мене за да успеат да ме држат на прав пат. Да се разбереме, секогаш ќе кажувам дека храната ми е завист и дрога, колку ментални склопови и да имам сменето, колку килограми и да имам изгубено. Јас сум јас во себе се‘ уште, да не се лажеме, само имам добра подлога и разбирање, па благословена сум. Ја имам за пријател, еден од најискрените!
Дојдов до ситуација каде што земањето воздух ми стана луксуз, а движењето сметка од милион долари.-Сања пред хроно режимот
* Колку килограми ослабевте, за колку време?
- Така веќе сме на најважното прашање, на кое сум многу горда и со задоволство ќе кажам дека имам изгубено 60 килограми за две години. Првите 55 ги загубив во првата година и 5 во втората. Сите во рестрикција! Да да, сега ме сфаќате што сакам да ви кажам дека без Виолета немаше да сум тука денес. Периодот на стагнација беше излудувачки. Ме мрдна! Хипотетички. Си ги касав влакната од косата некогаш, до толку беше напорно и излудувачки, ама ете, пак сум тука и не мрдам никаде, како што реков, јас не изгубив многу килограми во втората година, ама добив чувство на среќа и задоволство кое ме љубеше овие две години. Денес е уште позајакнат, зошто трпението се исплатеше, а јас не паметам од кога немав видено шестка на вагата пред кецот, седмицата и деветката, сега е шестка ! Ама Вики е менаџира 70000 луѓе, па јас ли сум проблем?
* Кој дел од режимот ви беше најтежок, дали некоја ваша омилена храна ви фалеше?
- Нема тежок дел од режимот. Се јаде убава храна и многу избалансирана. Ако му дадеш правилни насоки на мозокот, не е ништо неиздржливо, особено кога гледате како се множат резултатите и колку ви се радуваат другите на постигантиот успех. Секако има кризни денови за некоја храна, не велам не, еве на пример мене најмногу ми фали помфрит, чипс и мандарини, за другото немам никаков проблем. Ама помфритот го менувам со тиквичка, од неа се занесувам и дека ‘‘чипс‘‘ правам, а мандарината со лимонада, па кога ќе дојде тесно за нешто плус изнаоѓам начини да си угодам или наспроти тоа и тренирам нерви на Виолета. Никакви прекршувања и частенки. Тоа го правев во минатото, знам каде води тоа. Нема назад, зачаран круг од кој не можеш да излезеш, како магнет ти се лепи и не те остава на ‘‘да, денес ќе прекршам со ова и од утре назад‘‘. Не и кај дебелите луѓе, цела психологија сме ние, само да има кој да не‘ изучи. Затоа си седам мадро да не бидам модро. Нормално, како и сите други имам направено отстапки, но отстапки од типот, задоцнето време за оброк од 7 часа, пропуштена вечера или при излегување во кафуле или бар, црвен зеленчук и црвено месо за вечера. Си сакам ребро бе, што. Кога ќе ме прочита Вики, има ребрата да ми ги изброи, хахаха.
Среќата во очите на мајка ми и татко ми, на сите мои блиски е незаменлива. Не паметам од кога им го немам видено тој сјај во очите во однос на мојата дебелина
* Како се чуствувате сега кога сте полесна, правите ли редовни здравствени контроли?
- Како што пишав погоре, за ова чувство ниту еден прекршок не вреди! Повторно сум богата и полна на животната штедна книшка, а тоа не се добива со живеење на предходниот живот. Среќата во очите на мајка ми и татко ми, на сите мои блиски е незаменлива! Не паметам од кога им го немам видено тој сјај во очите во однос на мојата дебелина, иако можам да кажам дека стагнацијава и нив малку ги заплаши, ама им поминува стравот. Редовните контроли никако не ги изоставувам. Ме радуваат и тие! Предходно ако со страв одев од погледот во добиените резултати, иако генерално бев здрава освен хормоните, денес одам со задоволство. Сакам да си ги билдам добросостојбите и да си ги редам резултатите во низата на совршена крвна слика и совршени хормони, ред за ред, мислам, на оваа тежина јас имам совршени триглицериди и глукоза, (за другото не ни зборувам) а луѓето дискутираат како се јаде мрсна храна и хроно исхраната не чини, сешто...
* Вие сте една од најактивните во хроно групата на фејсбук, често давате совети но и критики ако некој згреши. Дали ви се случило некој да ви се налути поради тоа?
- Точно е дека даваме совети и критики како паталци, не како стручни доктори. Често луѓето знаат да ни се запнат дека ние сме се претставувале како доктори, а не сме биле. Никогаш не сме рекле дека сме, само сме искусни дебели луѓе кои изгубиле килограми и своето искуство го делиме со останатите, нема филозофија тука. За работи кои ја опфаќаат медицината, секогаш советуваме да си посетат доктор, зошто тоа не е во наш домен, за останатото, до сега се докажало дека сме добри советници, што го покажуваат резултатите од членовите во групата, и сами можете да забележите. А оние што ни се лутат, нека им стои, би рекла. Обично критиките се од недоволна информираност, па во обид да го информираме членот, настанува напнатост од негова страна, но не е ништо страшно, и критики од типот кога не се почитуваат правилата на групата, а за секое непочитување на правила, каде и да сме, добиваме опоменување или црвен картон.
* Колку таа фејсбук група ви помогна и ви даваше волја?
- Веќе кажав и пак ќе повторам, без групата немаше да бидам овде денес. Не ни сакам да знам што би било кога би било, само ќе му благодарам на Господ што ме спои со овие прекрасни луѓе. Од срце им благодарам за се‘. Особено што ме трпат и ме сакаат! Без нив и волја ќе немаше. Како велат: еден за сите, сите за еден!!! Ок, многу гледам филмови, Ама така си е!
* Дали сте се уште на режим и која ви е крајната цел, колку уште килограми минус?
- Уште сум на режим и ќе бидам до крајот на животот! Веќе ми стана навика, мислам дека не би знаела да функционирам без хроно исхраната сега. Убаво ми е и со толку килограми се чувствувам лесно. Имам уште многу за симнување, ама никаде не брзам, само здравјето и трпението да ме служат, и нервите Вики да ја служат, зашто ќе ме трпи уште многу, многу! Повторно, безрезервно сум и благодарна! И јавно кажувам дека ми е идол и сакам да сум таа пред огледалото кога ќе ги достигнам тие фамозни мои 72 килограми. Па, ете ме. Се држам и уживам!
Милица Џаровска