Останав без дојка, коса и трепки, но се сакам себеси уште повеќе: Катерина Попоска осум години се бори со ракот

Катерина Попоска има 41 година, мајка е на две деца од 14 и 8 години. Таа е магистер на правни науки, живее во Кичево, а работи во Скопје. Ужива во секој миг од животот, растоварена од предрасуди. Отворено и искрено зборува за својата борба со ракот на дојка, која трае осум години. Вели дека со своето искуство сака да им помогне на жените кои се соочуваат со оваа болест, но и да ја развие свеста кај останатите за редовни прегледи на дојка.

- Додека го доев второто дете, забележав грутка на едната дојка. Отидов на ренгенолог во Кичево. Ми направија ехо-преглед и дијагностицираа циста на дојка. Ми рекоа да дојдам на контрола по шест месеци. На моето прашање дали треба да направам мамографија, ми одговорија дека нема потреба, бидејќи сум млада. Тогаш имав 32 години. Грутката евидентно растеше и отидов повторно на контрола по четири месеци. Ми направија ехо-преглед и ми дадоа упат за Клиниката за торакална хирургија во Скопје. Докторот што ме прегледа предложи веднаш да направам операција, да се извади грутката и да се направи биопсија. Бидејќи се уште доев морав да пијам лекови да ми секне млекото. Се оперирав по еден месец- вели Катерина на почетокот од нашиот разговор.

Резултатите ги добила по три недели. Дијагнозата била карцином, трет стадиум со метастази на околните лимфни јазли. Морала итно да направи радикална макстертомија, отстранување на целата дојка заедно со лимфите.

- Бев на работа кога сопругот ми ги соопшти резултатите од биопсијата. Реагирав смирено. Ги завршив сите обврски и отидов кај моите родители. Сакав да видат дека сум добра и смирена и дека имам голема волја да се борам со болеста. Потоа ја известив и сестра ми. Сите околу мене реагираа многу страшно. Плачеа како некој близок да умрел. Свекрва ми, која беше многу чувствителна, кога слушна за мојата болест и се слоши и доби мозочен удар. Ја однесовме во Скопје, во Државна болница. По неколку дена почина. Ја погребавме два дена пред да одам на операција. По, извршената операција и добивањето на наодот од „Хистолаб“ отидов на онкологија. Ми беа дадени 8 хемотерапии и 25 зрачења. Пет години користев и „Золадекс“. Сега, се уште сум на тамоксифен, кој веројатно ќе го примам до навршување на 10 години од појавата на канцерот – појаснува Попоска.

Најтешко ѝ било кога примала хемотерапија. Од првите четири ѝ се повраќало, а од последните имала големи болки во коските од главата.

- Ми паднаа ноктите, косата, веѓите и трепките. Кожата на нозете и рацете ми се солупи. Имав чувство како да ме прегазил воз. Најтешко ми беше кога ќе ги видев моите деца. Ќерката имаше една година и ја чуваше мајка ми. Ми ја носеше дома само да ја видам. Многу ме погодија и зборовите на син ми кој тогаш беше прваче. Ѝ рекол на учителката дека најголема желба му е мама да биде како порано. Тешко ми беше секогаш кога ќе го видев сопругот како ми подготвува цеден сок и безнадежно ме гледа, иако ми велеше ќе помине сè. Еден ден кога одев на зрачење, со татко ми, видов едно болно дете на возраст од син ми. И тоа чекаше ред за зрачење. Си реков „ Ти благодарам Господе што јас сум болна , а не моите деца“. Кога тоа им го кажав на родителите, тие почнаа да плачат. Мајка ми ме погледна и ми рече : „Па и ти си наше дете. Те добивме после 15 години.“ Не можев да се помирам со фактот дека би можела да умрам и да не дочекам да ги видам моите деца како растат, формираат семејства – вели Катерина.

Најголема поддршка имала од нејзиното семејство и од фамилијата на сопругот. Голема надеж и сила добивала и од пријателите.

- Кога почувствував дека почна да ми паѓа коста, се истрижив и веднаш ставив перика. И денес чувствувам последици од хемотерапијата. Понекогаш имам болки, ограничено движење на раката, нервоза. Сепак,  јас сум здрава, силна и весела. И уште повеќе се сакам себеси. Благодарна сум на сите и на Бога. Член сум на групата „Љубов сме“ и брои околу 1600 членови. Единствена е по тоа што освен пациенти, во неа членуваат и доктори онколози, психолози. Еднаш неделно имаме „зоом“ работилници. Помагаме во достава на теблетна терапија во домот на пациентот со помош на Црвен крст. Имаме и наша фб страна која брои над 2.300 членови. Од 2 јуни сме и здружение кое правата на пациентите ќе ги бара низ институциите на системот. Бидејќи октомври е месецот на борба против ракот на дојка би им советувала на жените да обрнат внимание на превенцијата. Да одат на контрола. А на тие што се соочиле со болеста, да не губат надеж и верба. Ништо не може да ни застане на патот, ако не му дозволиме – посочува Катерина.

Соња Алексовска Неделковска