Поминав турбулентен период, благодарен сум за секоја нова секунда од животот: Искрено со Ване Маркоски

Добивај вести на Viber

Во селото Требовле над езерото Козјак, водителот Ване Маркоски вели дека го поминува својот најубав одмор досега. Домаќинот на емисијата „Избор на најдобри рецепти“ на „Канал 5“, ни раскажа дека оваа планинска авантура сосема ги сменила неговите размислувања за животот. 

„ Тука кога ќе дојдам времето некако ми застанува. Главно пешачам по планините тука, медитирам, читам книги, готвам цело време. Ја користам секоја секунда од денот да се опуштам, да наполнам батерии, да се посветам на својата душа и енергија кои некаде ги забораваме низ градскиве гужви“, раскажува Маркоски. 

Ване одмара во селото Требовле кое има само 6-7 постојани жители и е веднаш над езерото Козјак

 Требовле, додава тој, е прекрасно планиско село, изолирано речиси целосно од цивилизација, со само 6-7 постојани жители. Се наоѓа во Порече, веднаш над езерото Козјак, на околу 1000 метри надморска височина. Она што според него го прави посебно е боровата шума наоколу, вистинска воздушна бања и двата извори со ладна и питка вода.   

„ Тивко е, посебно и мистично. Има многу животинки и природа, секако и шумски плодови и доста билки. До селото се стасува по фин асфалтиран пат, има неколку викендици, но самата местоположба и изолираноста на целиот Поречки крај од Скопје, поради патната инфраструктура, го прави изолирано и тивко. Во близина е врвот Фојник, од каде се гледа езерото Козјак и голем дел од Поречието. Освен пешачењето до овој врв има уште неколку убави патеки низ шумата кои те водат до интересни места“, открива водителот за својата авантура. 

Главно пешачам по планините тука, медитирам, читам книги, готвам цело време.- открива Ване

Инспирација за ова интервју ни беше еден мотивирачки статус на неговиот Фејсбук профил. „Кога ќе влезеш во таа етапа од животот, кога веќе не се натпреваруваш да се докажуваш, кога те радува тоа што го имаш во моментот, е тогаш веќе живееш“, напиша Ване и доби многу позитивни коментари од своите пријатели. 

„ Од секогаш сѐ нешто сум очекувал“, ја искоментира Ване оваа реченица. „Ајде да се случи ова, па ова и да почнам да живеам. Ќе дојде и ќе помине тоа што си го очекувал, а после некое време сфаќаш дека “проблемите” не исчезнале. Тие се тука, само биле прикриени привремено. Се навраќаш со спомените на некои убави моменти споделени со твои блиски, каде што имало и часови недоразбирања и караници и си викаш: Зошто? Па едноставно е. Во нашата човечка природа е да не знаеме да сме благодарни на универзумот за тоа што го имаме во моментов, за тие мали нешта по кои некогаш ќе жалиме. Поминав турбулентен период, но не за џабе велат, сѐ е за арно, ако ти така го сфатиш и прифатиш тоа, па затоа сега сум благодарен не на секој нов ден, туку на секоја нова секунда од животот, на секоја нова промена, на сѐ што ми се случува. Додека сѐ нешто очекуваме, животот поминал додека трепнеш. Па само колку луѓе во светов денес се разбудиле, појадувале, пиеле кафе и тргнале на работа, а по пат им се случило несреќа и нивниот живот завршил? Ете затоа е важно да сме концентирани на сегашниот миг и благодарни на сѐ што имаме и ни се случува во моментов“. 

Од сегашната перспектива на Ване, кога ќе се сети како размислувал порано, вели дека мора да признае дека е изненаден позитивно од промените низ кои минува. Престојот на планина му е показател за тоа. 

„ Животот е слобода и љубов, животот е борба со самиот себе и со твоите промени,а сето тоа за да станеш подобар човек и придонесуваш за позитивни промени преку твоето постоење за сѐ на оваа планета. Личниот развој, мирот, посветеноста, оддалечуваат многу стари навики и луѓе од вас, но носат среќа, благостојба на душата и многу изненадувања во иднина“, додава Ване. 

За крај на ова искрено интервју, Ване вели дека на секој човек му е потребно многу малку за да биде среќен. 

„ Би бил најсреќен доколку поголем дел од човештвото ја разбере суштината на оваа реченица. Сите го чувствуваме заморот од трката за постојано докажување на работа, пред пријатели, секаде. Трчаме по пари, по материјално, за преку надворешноста да ја прикриеме внатрешната несреќа. Секој од нас кој живее во секојдневен хаос и нема време за себе, сакале да признаеме или не, страда или страдал од вид на депресија и анксиозност, но ретко кој за тоа јавно зборува и се охрабрува да превземе нешто со кое ќе го разбуди повторно она среќно дете во себе со кое е слободен и способен да лета. Страшно е ако мозокот го користиме само да создаваме материјални нешта во кои привремено уживаме. Таков умствен хаос не е добар за никого. Затоа ќе кажам: Бидете искрени кон себеси и радувајте се на сите мали нешта кои ги носи секој нов ден“, порачува Маркоски. 

Околу 20 август тој ќе им се врати на работните обврски, и верува дека и следнава сезона ќе продолжи неговата работа на терен. „Дали ќе останеме со проектот „Избор на најдобри рецепти” или ќе има некои промени, тоа ќе го знам откако ќе се вратам во  Скопје на секојдневните ангажмани“. 

Милица Џаровска