ПОСЛЕДЕН РАЗГОВОР
Звррр!
Звррррр!
во едно штрково гнездо
одекнува ѕвон.
Звррр!
Звррррр!
во гнездото на штркот
ѕвони телефон.
Два штрка
два брата
далеку еден од друг,
не можеа секој ден да се видат
па тогаш спроведоа телефон
да можат постојано
во контакт да бидат.
Звррр!
Зврррр!
Денес последната порака ја испраќаат,
последниот разговор го водат.
Лисјата од дрвјата почнаа да се ронат
Веќе е време на југ да си одат.
Васил Пујовски, Светот на детскиот сон, „Култура“, 1967
Илустрација: Коле Манев
Васил Пујовски (1946-2019), роден во село Д’мбени, костурско, е драмски писател и поет за деца и возрасни. По преселувањето во Скопје го завршува Филозофскиот факултет, а работел и во Македонска телевизија. Членува во ДПМ од 1968 година. Негови попознати дела се Светот на детскиот сон (поезија за деца, 1967), Пред божји суд (поезија, 1969), Кат Патон (поема за деца, 1972), Мижете да ве лажам (поезија за деца 1985), Ајде да се дружиме (тв-серија за деца, 1985), Сркај-кркај (поезија за деца, 1988), Било-не било (сказна, 1989), Кралот Кускуле први (драма, 1992), Дајте музика (поезија за деца, 1994), Прва лига (поезија за деца, 1995), Ѕвездено дете (избор поезија, 1999), Ѕверка без мерка (поезија за деца, 2000). Познат е и како автор на текстови на музички песни за деца. Слава му!