Празник на првиот Господов апостол: Свети апостол Андреј Првоповикан
Фото: denovi.mk
Првиот Христов апостол Св. ап. Андреј наречен Првоповикан има значајно место во христијанската религија и во народниот живот, иако со неговото име и со неговиот ден се поврзани малку обичаи и верувања.
Денес именден празнуваат: Андреј, Андреја, Андреа, Андријана...
Во житието за него се вели дека тој бил син на Јона и брат на Петар, родум од Витсаида, рибар по занимање. Најпрво му беше ученик на Св. Јован Крстител, но кога Св. Јован покажа со прст на Господ Исус велејќи: „Еве го Јагнето Божјо!“ (Јован 1, 36), тогаш Св. Андреј го остави својот прв учител и тргна по Исуса. Потоа го приведе кон Господа и својот брат Петар. По слегувањето на Светиот Дух на овој прв апостол Христов му падна во дел да го проповеда Евангелието во Византија и Тракија, потоа во земјите Дунавски, па во Русија и околу Црното Море и најпосле во Епир, Грција и Пелопонез, каде што и пострада. Во Византија постави прв епископ во лицето на Св. Стахиј; во Киев забоди крст на високо и прорече блескава христијанска иднина за рускиот народ; во Тракија, Епир, Грција и Пелопонез преведе во верата мноштво народ и им постави епископи и свештеници. Во градот Патрас изврши многу чуда со името на Христа и придоби многумина за Господ, меѓу кои беа братот и жената на царскиот намесник Егеат. Разјарен заради ова Егеат го подложи Свети Андреј на маки, а потоа го распна на крст. Додека беше жив на крстот, апостолот им кажуваше на христијаните што се беа собрале околу неговиот крст корисни поуки. Народот сакаше да го симне од крстот, но тој се спротивстави на тоа. Најпосле апостолот почна да Му се моли на Бога и притоа некоја необична светлина го заблесна целиот. Тоа светло озарување траеше околу половина час, а кога исчезна апостолот Му ја предаде својата душа на Господ. Така го заврши својот земен век првоповиканиот апостол, којшто прв од Дванаесетте големи апостоли Го позна Господа и тргна по Него. Пострада за својот Господ во 62 година. Неговите мошти беа пренесени во Цариград. Подоцна главата му ја пренесоа во Рим, а едната рака во Москва.
Извор: denovi.mk