Приказната за најтесната уличка во Сплит

Сплит е по многу нешта уникатен град кој го посетуваат милиони туристи од целиот свет. Гордост на овој хрватски град е Диоклецијановата палата, која е под заштита на Унеско од 1979. Некогашниот Диоклецијанов мавзолеј и денешната катедрала Св.Дује, се едни од најстарите градби во Европа. Културното наследство го обогатуваат музеите, галериите, бројните споменици, а Сплит е препознатлив и по Марјан, Хајдук, прекрасните плажи, Рива, бројните манифестации, фестивали, кои од година во година бројат се' повеќе посетители.

Без лажна скромност, сплиќани велат дека нивниот град е најубав на светот. Не би ви препорачале да влегувате во дискусија, затоа што и самите ќе се уверите во таа реченица, штом ќе го посетите бисерот на медитеранот.

Градот чија убавина е опеана во бројни песни, спој на традиционалното и модерното, помеѓу улиците и уличките (таканаречени кали), во самиот центар на древната римска палата, крие една уличка која претставува вистинска атракција.

Се работи за најтесната уличка на светот, во близина на Јупитеровиот храм, долга околу 10 метри, наречена Pusti me da prođem (Пушти ме да поминам), во која двајца не можат да се разминат.

Широка 57 сантиметри, специфична е и по тоа што може да помине само еден човек и како што велат сплиќани - и тоа со затворен чадор.

Како тесен премин, ја дели петокатницата со готички елементи од Јупитеровиот храм, монументалниот историски споменик, чија големина дополнително ја нагласува малата уличка.

На прв поглед скоро е и незабележителна, со текот на времето станала нем сведок на бројните средби и луѓето кои поминувале тука.


Денес се' повеќе туристи се заинтересирани да ја посетат уличката и да направат фотографии. Претставува и неисцрпен извор на анегдоти, често претставува и тест на трпение за оние кои брзаат и сакаат да поминат тука, а се приморани да го чекаат својот ред.

Pusti me proć’, е карактеристичен сплитски израз, па од тука и уличката го добива своето име. Улици од овој вид има и во Нови Винодолски, Котор, Сараево.

Неда Маретиќ