Размислувам 10 пати пред да купам нешто ново: Оперската пејачка Николина Јаневска за Женски магазин

Добивај вести на Viber

„Италија е преубава држава, токму поради разновидноста што може да ја понуди; од Алпите на северот до скоро пустинската клима во Сицилија, природните убавини како и најбогатото културно наследство во светот. Тоа што веднаш ќе го забележите во Италија, особено во Милано е што нема да видите ниту еден човек во тренерки да излезе од дома, па дури ни за до продавница“, вели оперската пејачка Николина Јаневска која повеќе од 10 години работи како оперски солист. 

Таа е омажена за Италијанец и живее во Италија, сака да се облекува класично и во парчиња кои се комбинираат лесно, но Николина е и сестра на нашата позната пејачка и професорка по музика, Андријана Јаневска.

Пејачката има освоено многу државни и интернационални награди по пеење, настапувала во Македонија, но и во Италија, Германија и Кина.

Оперската солистка во оваа нејзино прво интервју за Женски магазин открива што ѝ недостасува најмногу од Македонија, зборува за модата, операта и Италијанците, но и за сопругот Џанлука.

*Колку време живеете во Италија?

- Планот беше да живееме и во Македонија и Италија, но работата и пандемијата решија за нас, така што од 2019-та, после нашата свадба живееме во Милано. 

* Што е онаа кое Ве освои на прва во земјата на тестенините?

- Италија е преубава држава, токму поради разновидноста што може да ја понуди; од Алпите на северот до скоро пустинската клима во Сицилија, природните убавини како и најбогатото културно наследство во светот. Секој еден што е вљубеник во историјата, уметноста сигурно ќе се заљуби во Италија. 

* Модата е препознатлива за Италијанците, кој е вашиот стил на облекување? Колку убавиот изглед е важен во Италија?

- Модата е важен фактор овде, особено во Милано. Тоа што веднаш ќе го забележите е што нема да видите ниту еден човек во тренерки да излезе од дома, па дури ни за до продавница. Би рекла, се обрнува големо внимание на тоа да си соодветно облечен за местото и приликата каде што си, па е многу разбирливо и доколку некој се почувствува навредено доколку те покани на вечера, а ти се појавиш во облека „за по дома“. Значи во прости зборови: не се очекува никој да биде облечен во скапи дизајнерски или официјални алишта секој ден, напротив - ќе ти се смеат Италијаните, ТУКУ да си облечен соодветно за приликата и друштвото.

Мојот личен стил е доста класичен и купувам парчиња облека кои ќе се комбинираат со останатите што ги имам, размислувам 10 пати пред да купам нешто ново, за да потоа кога ќе треба да решам што да носам, да не треба воопшто да размислувам. Сакам парчињата да ми се допаѓаат и да се од добар квалитет. Веќе со години воопшто не купувам од брендовите „брза мода“ од етички причини и бидејќи разликата некогаш во цената е минимална со останатите брендови кои се потранспарентни за тоа од каде ги набавуваат материјалите, не користат полиестер и не ги третираат вработените како робови особено кога ќе се начекаат големите попусти или ако се посети некој аутлет. Или уште поубаво секогаш кога ќе можете купувајте од локалните брендови.  

*Што ви недостига најмногу од Македонија?

- Сигурно луѓето, сите мои пријатели и фамилијата, но бидејќи денес имаме среќа да имаме летови неколку пати во неделата тој проблем не се чувствува толку бидејќи секогаш кога ќе решам да дојдам ме дели само час и половина лет од дома.

Исто така ми недостигаат некои наши традиционални јадења, тоа што може да се зготви дома го готвам, но во Италија нема фурни како нашите.

* Каде и како се запознавте со сопругот? Тој е Италијанец по потекло или патиштата Ве однесоа во Италија?

- Мојот сопруг Џанлука Мартиненги и јас се запознавме на работа, бидејки тој е диригенти прво беше гостин диригент неколку години, а подоцна и шеф диригент во нашата оперска куќа. Ние имаме и стан во Скопје и поради работата планиравме барем половина од времето да го поминуваме во Македонија, но како што знаете кај нас околностите се менуваат преку ноќ, а потоа и поради карантините во 2020-та едноставно се задржавме во Милано. 

Во Италија сите ги знаат оперите, дејствијата, музиката, текстот и очекувањата се повисоки од пејачите

* Неодамна на социјалните мрежи откривте дека повеќе од 10 години сте оперска пејачка t.e дека пред 10 години сте дебатирале како оперски пејач во Националната опера и балет. Кога почна вашата оперска приказна?

- Се започна во средното музичко училиште кога професорката по оперско пеење Sвезда Дамовска ме преслуша по случаен избор и ми рече дека имам потенцијал и дека би можела да се префрлам од теоретскиот оддел во инструменталниот оддел. Во истовреме мојата сестра Андријана Јаневска почна да работи во МОБ, па и јас почнав почесто да ги посетувам претставите и едноставно се заљубив во професијата. Уште посигурна во мојот избор бев по завршувањето на студиите кога почнав да ја работам работата, тогаш бев 100% сигурна дека тоа е тоа.

* Која улога што сте ја играле-пееле како операска пејачка особено ви е драга и зошто?

- Веројатно Кармен, бидејки покрај вокалните предизвици е многу комплексна актерски. Не се работи за типичен стереотипен позитивен или негативен лик, туку за интересна тримимензионална личност која има позитивни и негативни карактеристики и е типичен лик кој сите обожаваат да го мразат. 

* Каде се имате настапи сега, доаѓате ли често во Македонија, или имате настапи и во други држави?

- Последен настап ми беше на отварањето на „Есенските музички свечености“ со барокен репероар како дел од БА-РОК ансамблот, како и улогата на Лола во „Кавалерија Рустикана“ во нашиот театар. Инаку имам настапено повеќе пати како солист во опера во различни театри во Италија, Германија и Кина.

Следни проекти се настап во театарот Петруцели во Бари Италија и театарот Реџио во Парма, исто така во Италија.

* И вашата сестра е пејачка и професор по музика, Андријана Јаневска, кога се собирате фамилијарно знаете ли да запеете по дома, онака од срце?

- Кога се собираме фамилијарно сите знаеме да запееме, веројатно јас најмалку од сите обожавам да пеам, особено ако треба да работам периодот. Не можам, а да не мислам постојано дека може да му наштети на гласот ако пеам во еден глас со сите, така да не успевам да се опуштам лесно на тој план. 

* Италијаните се поголеми љубители на културни настани и опера или Македонците?

- Генерално земено мислам дека општиот интерес према културните настани е подеднаков, но секако тоа не е случај за оперската уметност. Едноставно тоа е нивната музика – скоро дел од нивниот фолклор. Сите ги знаат сите опери, дејствијата, музиката и текстот - така да и очекувањата се повисоки од пејачите, а не е ретко и да се случи исвиркување и „буу“ од публиката ако пејачот не е на ниво. За жал морам да забележам експоненцијален раст во апатијата кај нас во операта, но и кај публиката.


Н. Миланова