Самотијата никогаш не ме плашела: Искрено интервју со Соња Панда
Никогаш не сум се чувствувала осамена
кога сум сама. А, љубовта не можеш да ја побрзаш, таа ќе дојде или не, ќе ја
задржиш или ќе ја пуштиш, ќе ја препознаеш или ќе ја одминеш. Ѓавол ќе го знае
зошто едни ја наоѓаат за цел живот, а други ниту за минута, искрено раскажува Панда
Соња Панда е тивка личност со дамски манири, но секогаш насмеана и непосредна. Како еден од најискусните радиоводители во радио „Антена 5“, но и во земјава, таа има многу што да каже за својот професионален живот, многубројните патувања и музичките ѕвезди што ги сретнала попат. Сепак, како што вели, најинтересни и најприземни се токму најголемите од нив.
* Ти си еден од најпрепознатливите радио гласови во Македонија изминатава деценија. Соња како дојде до тоа баш радиото да ти стане професионална вокација?
- Сосема непланирано. Во првата половина на 90-тите се појавија повеќе приватни радио станици, па имаше и голема побарувачка на радио водители. Голем број од младите водители и новинари кои во тоа време работевме на телевизија, добивавме понуди да се опробаме и во радио етерот. Променив неколку радио станици, а потоа направив пауза. Но, потоа оваа споредна окупација, стана моја професија. Ми се допадна ултимативната моќ на радиото како најбрз од традиционалните медиуми, но и најмалку стресен.
* Твоите почетоци беа во телевизијата. Како ги оценуваш денешните забавни телевизски содржини?
- Моето седумгодишно искуство е навистина далечно минато, па телевизијата денес ја доживувам исклучиво како гледач. Во моите почетоци постоеја младински емисии во кои го учевме новинарскиот занает пред да продолжиме во други редакции. Но, тоа беа некои романтични пионерски времиња кога најважни беа идеите, оригиналноста, автентичноста, новините.. Жалам што телевизијата кај нас се сведе на ТВ-дневници, политички магазини, хибридни форми со бесконечни јавувања од гледачи и преземени шоу емисии од регионот. Речиси и да не постојат културно забавни содржини на телевизја.
Со светски популарниот диџеј Алан Вокер
* Со радио „Антена“ имаше можност да присуствуваш на врвни светски музички манифестации. Кое е чувството да се биде дел од едно такво големо шоу?
- Прекрасно. Тоа се настани на кои присуствуваат стотици новинари, но и стотици луѓе кои се грижат за сцената, преносот, шминката, фризурите, костимите, кетерингот, и уште стотици кои се грижат за сите нив. А, потоа тука се музичарите, танчерите, презентерите..
Фестивалите се физички понапорни, денот се спојува со ноќта, но затоа се поопуштени за работа, а и изведувачите имаат повеќе време за вас. Во монтажните студија има секакви ситуации, како на пример гледате како Роџер Санчез игра игрица на столчето до вас, додека вие терате програма. Продуцентот Дипло, во текот на интервјуто се загледа во моето ланче и му се бендиса како подарок за неговата девојка. Не се либеше да ми го побара, а јас му ја услишив желбата - никогаш не е на одмет да бидете фини со ѕвездите.
Се сеќавам во годините кога започна физичкиот пад на Ејми Вајнхаус, бевме на концертот по повод 90-от роденден на Нелсон Мандела во лондонскиот Хајд парк. Токму кога во прес центарот влезе реге ѕвездата Еди Грант, на сцената се качи таа, цела теретава и нестабилна. Сите се стрчаа пред сцената или големите ТВ паноа за да известат доколку не дај боже ѝ се случи нешто. Грант остана да стои пред испразнетите прес столици. Ова ни дојде како „кец на десетка“, па си направивме подолго интервју, па дури имавме време да го потсетиме на соработката Амстердам со Рибља Чорба.
Ем-Ти-Ви наградите или Британските музички награди се спектакли на кои работат илјадници луѓе, а во чии рамки се одржуваат голем број на концерти, панели, конференции на различни локации во градот домаќин непосредно пред самото шоу. А, во текот на шоуто владее организиран хаос зад сцената. Најжешко е на црвениот тепих, бидејќи додека врескате по гостите во надеж дека ќе застанат до вас да ви дадат изјава мора да ги издржите стотината врескачки фанови донесени за потребите на телевизиското шоу. Најопуштениот дел е забавата по шоуто обично организирана блиску до локацијата за медиумите и гостите на наградите која трае до раните утрински часови.
Кој од музичките ѕвезди ти оставил најголем впечаток?
-Oние со долготрајни и успешни кариери, тие се секогаш приземни и љубопитни за светот околу нив. И пристојни во односот кон вас. Мик Џоунс oд славните „Клеш“го сретнавме двапати и секогаш беше во тек со општествено – политичките прилики кај нас, на пример. Најневозможни се оние кои во моментот се соочени во планетарна слава и орди разулавени фанови со потполно изместена слика за реалноста. Обично тоа се тинејџерски ѕвезди, иако и меѓу нив се среќава по некој светол пример како Шон Мендес,кој е една од најпристојните млади ѕвезди кои ги имаме сретнато.
Интервју со еден од највлијателните британски музичари Пол Велер
* Што е потребно за едно успешно радио водителство- дали само природен талент, добро расположение и капка адреналин?
- Различните старосни групи секако имаат свои преференци во однос на музиката која сакаат да ја слушаат и во однос на водителот кој им е омилен. Радиото денес е променето во однос на неговите почетоци и треба да го следи современиот начин на живот. Денес целото семејство не се собира околу радиото за да го слушне главниот дневник или да ја слушне радио драмата. Но, технологијата му помага на радиото да не ја изгуби својата магија и да биде придружник во животот на слушателот - додека пешачи, работи, се вози, вежба, води љубов.. Радио изразот секако е различен во однос на радио форматот, и неговите правила се учат, иако секако, помага да го имаш вродениот талент. Јас, како припадник на стариот ков, се обидувам да пливам во ова модерно време, но без притоа да отстапувам од она во што и понатаму силно верувам, дека радиото треба да е придружник во животот на слушателот и дека треба да ја користи својата моќ како најбрзиот медиум.
* Соња, важиш за градска фаца и луѓето се интересираат за твојот приватен живот. Па како би го опишала својот приватен свет? Како изгледа еден твој обичен ден?
- Во последните неколку години мора да признам дека тој мој приватен свет надворешно е прилично сиромашен, сведен да еднолична секојдневна рутина. Но, внатрешно не. Мене никогаш не ми е здодевно. Утрата ми почнуваат со маалската прошетка со моето кученце Лола. Имам среќа што, како голема спанка, работниот ден ми почнува во попладневните часови па имам време и за кафе, посета на пазар во потрага по разни намирници кои ќе ги искористам за богата салата. Животот во маало, посебно на ридче како Трнодол, каде што живеам, носи поголема социјализација која полека се губи во се поурбанизираните населби во кои на местата на куќите никнуваат згради. Кај нас во населба имате ситуации додека некој прави скара во дворче цела улица да му се тупне на салата со ракија, која додека му дојдат гостите може и да ја снема.
* Одлуката да се остане сингл на овие простори е се' уште табу тема. А се' повеќе луѓе се сингл. Како размислуваш за ова?
- Која и да е причината да останеш сингл, тоа не треба да ти попречува во начинот на живот. Се додека можам да се појавам на роденден или свадба на пријател без придружба, додека роднините и комшиите не ми поставуваат непотребни прашања, е во ред. Мислам дека кај нас, за среќа, не е заживеан западниот модел на појавување во придружба што е олеснителна околност.
Потешко е доколку си сингл, а не сакаш да бидеш или не умееш да бидеш сам. Но, мене самотијата никогаш не ме плашела, бидејќи јас никогаш не сум се чувствувала осамена кога сум сама. А, љубовта не можеш да ја побрзаш, таа ќе дојде или не, ќе ја задржиш или ќе ја пуштиш, ќе ја препознаеш или ќе ја одминеш. Ѓавол ќе го знае зошто едни ја наоѓаат за цел живот, а други ниту за минута.
* Знам дека си голем поклоник на здравата храна и „Дајмонд“ режимот на исхрана. Како изгледа твоето дневно мени? И зошто се одлучи на ваков начин на исхрана?
-Еден поранешен мој колега почна со ваков вид на оваа исхрана, па решив и јас да пробам. Ми ја даде книгата, поточно тоа беше некоја фотокопија која ја споделувавме потоа понатаму. Но, се испостави дека овој начин на исхрана ми одговара наверојатно затоа што јас ионака многу сакам овошје и зеленчук. Повеќе не се држам доследно до правилата, освен делот со овошјето кое се консумира до пладне - или во мојот случај во првите шест часа по будењето. Се трудам колку што можам повеќе да ги ограничам комбинациите на неспоива храна. Во денешниов свет на загадени воздух и земја, прашање е колку воопшто може здраво да се храниме и дали воопшто може да си дозволиме да се храниме исклучиво со органска храна, па се снаоѓам со испирања на зеленчукот со оцет, сода бикарбона и слични „балтазарски“ комбинации.
* Секогаш изгледаш супер скоцкано и дотерано. Како ја одбираш облеката и во што се чувствуваш најпријатно?
- Не сум некоја помодарка и речиси цел живот имам еден стил. Откако знам за себе најпријатно или, подобро кажано, најсигурно се чувствувам кога сум облечена во тесни фармерки, кожени јакни, високи потпетици, одделно или заедно. Иако во последните две години ги открив фустаните и здолништата, па барем во летните месеци ги тргам настрана фармерките.
* Како го оценуваш ноќниот живот во градов и кои се неговите светли точки? Каде се пронаоѓаш себе си?
- Скопје има неверојатно голем избор на места за излегување, што се однесува до ноќниот живот, за разлика од времето на мојата младост, но јас повеќе не излегувам така често.
* Кое е твоето животно мото?
- Да бидам своја, слободна во изборот и грешките, самодоволна, во близина на оние покрај кои ми е пријатно и далеку од оние кои ми предизвикуваат немир, да уживам во работата, да не зависам од никого, да не жалам за ништо, да немам неостварени сништа, да не очекувам ништо од никого но да помогнам ако некој побара помош, да не бидам лута, да не се оптоварувам со она над што немам контрола, да го памтам доброто, а заборавам лошото, да им дозволам на другите да бидат свои, слободни..
Мимоза Петревска Георгиева