Ана Бунтеска: Сите животи во еден-овој собрани

Добивај вести на Viber

Ме болиш

меѓу матката и срцево ми шеташ

таму некаде со лебедов пердув ми гребеш

нежно, како да ме скокоткаш

сосем нежно и полека

тамам за да ми прокрвари утробата

а болката да ја голтнам

ликот да го замрзнам

во полунасмев да го оставам

дур однатре од вресок коските ми напукнуваат

а однадвор ништо не се гледа

освен зелените стакла кои бојата ја менуваат

од прозирна до темно зелена

скоро црна, како душава...

Ме болиш

во умов со сврдел ми бушиш

длабиш и себе во мене се врежуваш

прецизно, со лесна рака

како да си го правел тоа многупати досега

скоро и да не боли

скоро ништо да не чувствувам

дур вените на слепоочниците ми набабруваат

како да ќе ми прснат мислите

надвор како џамлии ќе се истурат

илјадници шарени стакленца на дождот

кои во дланкава ќе ги соберам

а во нив одраз од сите твои црно-бели мечти

заробени со еден клик во твојот и мојот ум...

Ме болиш

не само во овој живот

ме болиш веќе животи наназад

во оваа моја душа собрани и наредени

како книги во библиотека стиснати

правливи, со страници залепени

со мирис на бакнежи во вино натопени

сите животи во еден-овој собрани

со топлина од твоето тело врз моето

и здивот што со векови во косава ти почива

со дланки како создадени за моите облини

во кои сите неисплакани солзи ќе ги собере

која на градиве се сместува и таму останува

ме болиш...од убост, од милост ...ме болиш.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски